Специјализирани тимови за следење на нерегуларности го испитуваат мечот Кадетен - ГОГ
Наглиот пад на коефициентот на натпреварот од првото коло во Европската лига меѓу Кадетен и ГОГ ги алармираше службите за следење на регуларност на натпревари и оваа средба е под истрага.
Ден пред натпреварот коефицентот за победа на Кадетен беше над 2, а на еден час пред натпреварот коефицентот падна на 1.35 и многу обложувалници го блокираа овој натпревар.
Кадетен го доби овој меч со гол од пенал во последната секунда, а натпреварот го судеа судии од Косово.
Дански експерти ја прегледуваа средбата и нашле спорни судиски одлуки, во корист на домашниот тим.
Денеска данските медиуми објавија дека тренерот и ракометари на ГОГ пред мечот добивале телефонски повици од Косово. Немало закани, немало ни „Ало“, едноставно телефоните им ѕвонеле, а повиците биле со телефонски код од Косово.
Во прв момент не реагирале, во најголем број не се ни јавиле, но подоцна во меѓусебни разговори увиделе дека не се работи за случајност.
Откако се преброиле, собрани се вкупно 35 повици кон данските играчи, објави данската телевизија ТВ 2.