Вардар во Келце бара рехабилитација за поразот во Скопје

Вардар и Келце, вечерва ќе го одиграат својот 12 меч во последните четири и пол години, што се повеќе дуели отколку што Вардар има играно првенствени натпревари против добар дел од македонските суперлигашки екипи. 
Факт што зачинет со податокот дека двајца врвни играчи на Келце своите кариери ги изградија како играчи на Вардар (Карачиќ и Душебаев) доволно говори за тоа колку се познаваат овие два тима, иако не играат во исто домашно првенство. 



Оваа сезона распоредот беше таков што првиот круг во ЛШ заврши, а вториот почнува со дуелите на овие два тима, па така минатата недела ги гледавме Полјаците во Скопје, а вечерва ќе го гледаме Вардар во „Легионово“.
Меч на неделата е оваа средба во распоредот на ЕХФ, па многу повеќе внимание ќе има и низ Европа оваа средба. 

Одложените натпревари, пак, ја прават непредвидлива табелата во ЛШ, особено затоа што еден од најсилните тимови во групата, ПИК Сегед, досега одигра само три меча, сите три на гости, сите три со преполовен состав и сите три ги загуби. Нема да трае вечно таа серија на Унгарците, особено затоа што веќе сите нивни играчи веќе прележаа Ковид и се враќаат полека во тимот. Слабиот старт на ПСЖ, пак, дополнително компликува секакви предвидувања, а од сето ова најголема корист гледа токму вечерашниот домаќин на Вардар. 

Келце со пет победи, еден нерешен меч и еден пораз е далеку пред директните ривали и евентуален триумф над Вардар вечерва ги носи многу блиску до освојувањето на првото место во групата, а тоа носи убави привилегии во продолжението на ЛШ и битката за „Ф4“.



„Ги анализиравме нашите грешки од првиот натпревар. Има многу работи што треба да се поправат. Келце е екипа што има феноменален напад и за да направиме подобар резултат мораме да ја спречиме нивната транзиција. Одбраната им е послабата алка, но ќе треба нашите грешки да ги намалиме и да ги користиме зицерите. Не смееме да го разбраниме Волф за да имаме повеќе шанси да покажеме повеќе отколку на првиот натпревар“, вели крилото Гоце Георгиевски.

Келце е домаќин, иако пред празни трибини домашниот терен не носи веќе предност како во минатото. 

„Ги видовме минатиот меч, тоа е една врвна екипа, но исто сме и ние и ќе одиме на победа. Гледавме снимки, анализиравме, се надевам дека ќе отстраниме многу од грешките што ги правевме во Скопје“, изјави Марко Вујин, српскиот интернационалец од редовите на Вардар. 



Натпреварот се игра вечерва со почеток од 20:45 часот. Судиите се Швајцарија, Артур Бурнер и Морад Салах. Полски делегат е на средбата, Марек Горалчук ќе ја има таа улога. 


 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk