Втор пораз на Вардар во ЛШ, Келце со целиот плен од Скопје

Фото: Денис Дуковски/ РК Вардар 1961

ВАРДАР 1961  ЛОМЖА КЕЛЦЕ    29-33 (13-16)
Вардар: Кантегрел (5 одб), Валчак 2, Стоилов 3, Георгиевски 4, Дизингер 1, Јотиќ 6, Калараш 1, Гаџа 1, Чупиќ 5, Талески 1, Дибиров 5
Келце: Душебаев 10, Карачиќ 2... 



Вардар по втор пат е поразен во Лигата на шампионите сезонава. Вечерва во Скопје, од екипата на Келце. Налета црвено-црниот тим на подобар противник што беше фокусиран доволно и не дозволи Вардар да се радува. 

Почна импресивно Вардар, во првите осум минути се му одеше од рака и поведе со 5-1. Но, заврши јуришот, а Келце почна да се враќа во игра. Волф на голот беше одличен, а по 12 минути на семафорот беше 7-7. 

И во следните пет минути Вардар диктираше резултат, а потоа го запишавме и првото водство на Келце (10-9). Германскиот голман се чини им ја одзема сигурноста на вардаровите напаѓачи, па се почесто се играше на „сигурно“, а полските дефанзивци беа спремни за борба на линијата. 

На спротивната страна Алекс Душебаев се разигра и набрзо Келце имаше плус три, плус четири, а на полувреме се замина со резултат 16-13. 



Вардаровиот кам-бек го чекавме и го дочекавме на средината на вториот дел. Предолго Келце трошеше топки и пропушташе шанси да го прекрши натпреварот. За таква игра во Скопје, обично се плаќа висока сметка, а Вардар ја анулираше негативата, поведе (23-22) и имаше и напад за плус два. 

Но, прерано го истрчаа вардарците својот финиш. Келце имаше цели 15 минути да се врати во игра, а се врати по само 2 минути. Веднаш направи пресврт, а по уште три минути водеше комотно со 27-24. По ова поведе и со 29-24 и тука победникот беше решен. 

До крајот на средбата, Келце одржуваше дистанца, а Вардар немаше вистинска можност да се врати во игра. Конечни 33-29 што не изгледа оптимистички во најавата за следниот меч. 



Следниот натпревар, Вардар ќе го игра на гостински терен, во Полска, против денешниот противник. Да се надеваме дека ќе имаат подобар ден македонските ракометари во Келце отколку што имаа во Скопје. 


 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk