Има иднина репрезентацијата, отворени се вратите од ЕП 2022

Голем чекор кон Унгарија и Словачка направи вчера македонската репрезентација. Најважниот меч е добиен со брејк, но приказната не е завршена, не чекаат уште четири натпревари на кои се потребни две победи. 



ЕП 2022 се надеваме ќе биде првото пост-корона Европско првенство, шампионат на кој ќе се врати ракометот во полн сјај. Првенство на кое ќе има публика и нема да има рестрикции. Унгарија и Словачка ќе бидат државите во кои ќе се рестартира европскиот ракомет. Пост-корона, пост-олимписки, европските земји ќе ги извадат своите состави за наредната деценија. А, Македонија ќе биде меѓу нив. Со состав за следната деценија што полека почнува да добива контури. Едноставно, мора да биде. Вчерашниот резултат и брејкот во Швајцарија е своевидна гаранција. 

Швајцарија чека 17 години за победа над Македонија. Ќе чека уште. Го запишаа шестиот пораз, петти последователен во квалификациски циклус. Ќе се држиме будна репрезентацијата, таа традиција мора да се одржи во живот. 



Настапот на ЕП е клучен за иднината на македонската репрезентација.  Со пласман на ЕП ќе ја одржиме, можеби и ќе ја зголемиме разликата со ривалите на ранкинг листата и би требало да останеме екипа од втор шешир, а тоа е многу битен фактор за следните квалификации. 
Ќе добиеме и нова шанса да се бориме за прв шешир во баражите за СП 2023. 

На ЕП 2022 ќе го немаме Кирил Лазаров. Најави крај на кариерата со крајот на сезоната. Но, тоа засега е најава. Во моментов е најважно дека го имаме во тимот до крајот на овие квалификации. Уште една, своевидна гаранција дека до крај без проблеми ќе ја одработиме задачата. 

„Задоволен сум од момците, им честитам за борбеноста, постигнатиот резултат“, вели Брестовац. „Не беше лесно да се одигра овој натпревар. Долго време играа седум на шест, не е лесно да се одбраниш од таков напад. Покажавме волја и карактер кога најмногу требаше. Имавме шанса и во првиот дел да го прекршиме резултатот и да му дадеме поинаков тек на натпреварот, но тогаш не успеавме. Потоа и тие имаа плус три и вистински беше тестирана нашата волја и квалитет. Се вративме во игра, сите на теренот си го дадоа својот придонес, постигнавме неколку важни голови од тешки позиции и успеавме да победиме. 
Сега на ред се двата натпревари со Данска. Ќе бидеме растоварени на тие натпревари, немаме резултатски притисок, но ќе се обидеме да направиме нешто и против нив“, вели Брестовац, кој вчера си го одбрани своето тренерско реноме и е блиски по втор пат да ја однесе Македонија на ЕП. 

Следните натпревари на Македонија се во март. Данска е една од репрезентациите што е пласирана на Олимписките игри во Токио и поради тоа нема да играме во јануарската квалификациска фаза. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk