Македонските репрезентативци од денеска се на собир. Ќе бидат изолирани од јавност, во т.н. „балон“ или „меур“
Карантин е терминот што вообичаено го користевме кога екипи, репрезентации се изолираа од јавноста со цел да имаат повеќе мир и да се посветат исклучиво на одговорностите што се пред нив.
Ковид го смени и тоа, па сега споменување на карантин веднаш предизвикува поинакви морници, па нема ниту ние да го користиме како термин, туку ќе го замениме со - „балон“ или „меур“
Македонските репрезентативци почнаа да пристигнуваат и да се тестираат. Вечерва од 18:00 часот, кој-како ќе ги добие резултатите од тестот заминува во хотелскиот „балон“.
Во Македонија се пристигнати Кузмановски, Пешевски, Томовски и Манасков. Викендов стигаат Лазаров и Митревски, последен што ќе пристигне е Мартин Поповски.
Селекторот Данило Брестовац повика 19 ракометари за дуелите со Финска (4 ноември во Скопје) и Швајцарија (7 ноември во Шафхаузен).
На поширокиот список има вкупно 35 играчи и добро е покриен засега.
Официјално подготовките на екипата, комплетна со тренинзи ќе почнат од понеделник.