Битолчани „летнаа“ по изненадување во Данска

Еурофарм Пелистер е последната екипа во Европа што почнува официјално да игра ракомет



Непредвидливо и чудно се склопија коцките з Е. Пелистер на почетокот на сезоната, за што во дел се самите виновни, во дел е Ковид 19 виновен. Како и да е, тие стартуваат како последни во Европа со официјални натпревари. Првиот го имаат утре, во Данска, со почеток од 18:45. 

Толкава пауза, не мора по секоја цена да значи дека е лошо. Имаа доволно време битолчани да е фокусираат на нивниот прв противник и да извежбаат и напад и одбрана што може утре да им донесе резултат. Впрочем, видовме како тоа убаво функционираше за Вардар 1961 кој цел еден месец се спремаше за Флензбург. 



Битолчани денеска „летнаа“ за Данска, а дома останаа тројца ракометари. Ѓукиќ, Граџан и Кукуловски. Тоа е одлука на тренерот, сите тројца се здрави и спремни за настап. 

„Гудме е одличен тим, моментално е лидер во Данска. Она што е карактеристично за нив е протокот на топката кој е многу брз, многу играат „еден на еден“ и трчаат во текот на сите 60 минути. Една од главните наши цели на овој натпревар е контролата во нападот и брзо враќање во одбрана. Доколку ја имаме контролата на топката, ако имаме контролирани шутеви, во тој случај ќе ја забавиме нивната игра и ќе можеме да се поставиме во одбрана како што посакуваме“, откри дел од тактичката замисла тренерот Бабиќ. 

ГОГ има и свои проблеми и тоа не мали, туку доволно големи за да загуби бодови. Тоа веќе и му се случи на гостувањето во Шафхаузен. 
Нивното најголемо засилување и според нас еден од најдобрите плеј-мејкери во моментов, Мортен Олсен се повреди (операција, фрактура на прст) и нема да биде во составот. Со и без него ГОГ е две различни приказни. 

Повреден, односно болен и со пропуштен меч беше и голманот Гисли Кристијансон, па екипата мораше на терен да се вади со 46 годишниот Сорен Хаген и неговиот 19 годишен син Андреас Хаген. 



ГОГ ќе беше чист фаворит доколку беше комплетен, но вака силите се прилично изедначени. Битолчани имаат убава шанса за победнички старт и тоа против фаворизиран противник, што понатаму сигурно ќе им ја олесни задачата. Нивниот најголем хендикеп е што долго ги нема на терен. 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk