Европската сезона и националните првенства почнаа да функционираат испрекинати со одложени натпревари, службени резултати, десеткувани тимови, активни карантини и повлекување на екипите од евро-настапите. Уште никој не фатил вистински ритам, а доаѓа нов хаотичен бран, за помалку од еден месец стартуваат квалификациите за ЕП 2022
Дали е попаметно да се игра сега или е попаметно првите две квалификациски кола за ЕП 2022 да се префлат за следната година со некој позбиен, но попрактичен распоред на натпревари?
Ова прашање секако ќе дојде на дневен ред во наредните денови. ЕХФ засега не покажува знаци дека се занимава или оптоварува со новиот хаотичен бран што ќе пристигне на почетокот на ноември кога ќе треба да се играат квалификациите за ЕП 2022.
Вкупно 32 натпревари треба да се организираат во периодот од 4 до 8 ноември. Тоа подразбира дека 32 репрезентации што се поделени во 8х4 групи, ќе играат по еден натпревар дома, но и еден на гости во периодот од четири до пет дена. Претходно, ќе треба да ги соберат интернационалците, кој од каде, а такви има безброј.
Па тие да одбработат по некој заеднички тренинг, да патуваат и во земји што се во црвена ковид зона, а потоа сите да си се вратат назад во своите клубови и сето тоа да мине незабележано од Ковид 19.
Како би ги оцениле шансите се да мине во ред наспроти шансите клубовите да не пуштаат играчи, да има неодиграни или одложени натпревари, да се појави вирус, следствено и каранти во репрезентациите или по враќањето од квалификациите да се рашири вирус во клубовите? Или во најмала рака да има играчи што ќе одлежат карантин во периодот кога ќе се игра и ЛШ и ЛЕ?
Дали е попаметно да се игра сега или да се одложат неколку месеци? ЕХФ засега не покажува знаци дека размислува за поместување на термините, напротив.
Македонија во ноември треба да одигра два натпревара. Квалификациите ги почнуваме дома со Финска на 4 ноември, а потоа на 7 ноември одиме на гости во Цуг, Швајцарија. По Металург, ќе треба и РФМ да се договара за влез во Швајцарија без карантин затоа што Македонија е одамна на црвената листа кај Швајцарците.