Ракометните првенства низ Европа, наликуваат на маса за билијард, на која белата Ковид топка си цела сила ги има разбиено „шарените и полните“ и сега тие секоја со своја патека се тркалаат низ зелената чоја.
Романската екипа Фочани е пред исфрлање од турнирот и службени порази на сите три меча (во Романија првенството се игра како во Македонија во Прва лига, турнирски) затоа што има сомневања дека криеле за сомнителен Ковид случај во својот тим. Фочани, откако го одигра првиот натпревар, го испратил дома сомнителниот играч без за тоа да информира никого. Играчот не бил на терен, туку останал изолиран во хотелот. Сега се чекаат резултати од тестот, по што ќе биде донесена одлука.
Пред Фочани, слична судбина ја чекаше Констанца. Овој клуб беше осомничен дека криел позитивни случаи, па мораше да се докажуваат со тестирања и да пишуваат соопштенија за јавност. Констанца имаше тројца сомнителни случаи кои мораа да повторуваат тестови за да добие тимот одобрение да игра на турнирот.
На изолираните полски екипи Калиш и Гвардија Ополе, денеска им се приклучи и тимот на Квиджун. Таму има позитивен случај на Ковид, па додека не се направат нови тестови, тимот е во изолација, а првенственото коло е комплетно одложено.
„Овде е како во Македонија во март. Ако продолжи вака, се плашам дека првенството ќе биде прекинато, а салите затворени“, изјави екс вардарецот Данил Шишкарев од Веспрем, во интервју во кое меѓудругото ја опишуваше и ситуацијата во Унгарија.