ГРУПА „А“ - Адемар Леон, Висла Плоцк, Чеховски медведи, Тулуз, АОН Фајверс, Металург
Металург доби добра група во која нема изразит фаворит, иако има два тима што до лани беа редовни во ЛШ, плус екипи од Шпанија и Франција..
Добрата страна на групата во која е Металург е што се избегнати противници како Берлин, РНЛ, ГОГ; Динамо Букурешт, Татран, Нексе...
Лошата страна е што освен Фајверс, сите други ќе имаат улога на фаворит. Од овој аспект подобра ќе беше групата со Алингсас и Бешикташ на пример.
1. ШЕШИР - АДЕМАР ЛЕОН
Откако неславно ја заврши авантурата во Мешков Брест, Маноло Каденас доби шанса да го реновира тимот на Адемар. Тренер кој во моментов е поголемо име отколку што е класа, на крајот заврши со осум играчи што заминаа и шест што дојдоа да ги заменат.
Не одеше како што треба во првиот корона бран, па клубот успеа да се „скара“ околу договорот и со својот капитен и заштитен знак - Марио Лопез, десно крило. Тој си замина, заминаа и Давид Фернандез (Висла), Димитри Патотцки,... Чилеанецот Ервин Фојшман кому му беше исто така отворена излезната врата на крајот, остана во клубот.
Маноло Каденас кој од 2013 до 2016 беше тренер на Висла Плоцк, од Полска донесе 210 сантиметри висок пивот - Матеуш Пјечовски. Отсекогш бил „миленик“ на Каденас, па ете го сега и во Леон.
Дојде и Калифа Гедбан, голманот на Вардар, а ново име им е и Олег Кисељов. Адемар Леон немаше доволно пари во буџетот да го доведе десниот бек на Порто, Анхел Ернандез, ако паметите, играч што беше поврзуван за доаѓање и во Вардар.
Нема да препознаете многу имиња ако го прочитате составот на Адемар. Но, еве да извдовиме. Хаиме Фернандез, лани МВП на Асобал е во Адемар. Потоа американскиот пивот Ендру Данлин, од овие простори се Тин Лучин и Дино Славиќ, како и Милан Гостовиќ. Покрај Фојшман, ова се најзвучните играчи. Годинава не ја почнаа славно. Куенка, екипа што загуби 14 последователни натпревари во Леон, во 15-тиот славеше победа од 32-28.
2. ШЕШИР - ВИСЛА ПЛОЦК
Полскиот вице-првак и натаму се потпира на услугите на шпански тренери. По Каденас дојде Хавиер Сабате и оттогаш тој ја води (неуспешно) светата војна со Келце. По имиња ова е најсилниот тим во групата и клуб што очекувавме да игра во Лигата на шампионите.
Заминаа многу познати имиња. Металурговата желба, Андреј Здрахала е едно од нив. Ренато Сулиќ, Матеуш Пјачовски, Жига Млакар, Константин Игропуло, Игор Жабиќ и Матеуш Горалски се другите.
Како и секој шпански тренер, Сабате замени бараше и ги најде, претпоставувате, во Шпанија. Па така на Нико Миндегиа и Алваро Руиз им се приклучија Давид Фернандез од Адемар и Абел Сердио од Барса. Од Веспрем донесоа два играча. Мирсад Терзиќ ќе им ја зајакне одбраната, а вчера како позајмица го доведоа младиот десен бек Зоран Илиќ, како замена за Предраг Вејин кој е повреден.
Имаат тројца Хрвати, тоа се крилото Ловро Михиќ, голманот Иван Стевановиќ и пикерот Леон Шушња. Доведоа и пикер од Франција, тоа е Жереми Тото од Кретеј, со објаснување дека немаат буџет за попознато име.
Не се „тенки“ ни со Полјаци. Голманот Моравски и крилата Дашек и Крајевски се попознати меѓу локалните играчи.
Па и покрај сите овие имиња, во првото коло Висла Плоцк загуби во домашното првенство од Погон Шчечин.
ШЕШИР „3“ - ЧЕХОВСКИЕ МЕДВЕДИ
Им замина Димитри Санталов, а дојде Артјом Кулак. Вака во една реченица може да се сумира најбитното што му се случи на рускиот шампион летово. Другите замени се козметика, но со должна почит ќе го одбележиме и пензионирањето на крилото Димитри Ковалев.
Сергеј Марк Косоротов, младиот луциден бек за кого се интересира пола Европа е играчот што треба да блесне сезонава. Имаат сосема солидна бековска линија во која лево е Косоротов на центар се Кулак и Кирил Котов, десно Александар Котов и поранешниот вардарец Димитри Кисељов. Крила се Корнев и Осташенко, пикери Андреев и Фурцев.
Сезоната ја почнаа со победа во Супер куп над ЦСКА, но утре треба пак да играат со нив.
ШЕШИР „4“ - ТУЛУЗ
Поранешниот тренер на ПСЖ, Филип Гардо, се скраси во Тулуз откако на „светците“ им требаа позвучни имиња на клупата. Овој клуб немал директен контакт со македонски екипи дваесетина години, кога играше и беше елиминиран од Вардар во КПК. Но, прво Бранко Ангеловски, а потоа и Гоце Георгиевски играа таму и така и беше поблизок за мак-публиката.
Годината ја почнаа со победа на гости над Шамбери што секако не е добра вест. Играа квалификации против Турда од Романија, не беа импресивни, но со реми во Романија и плус четири дома, не беа ни многу загрижени.
Лани, пред прекинот на првенството имаа лоша серија од четири порази и една победа и само затоа Монпеље успеа да биде два бода пред нив...
Во меѓувреме им замина најпознатото име - десното крило Феран Соле. Се пресели во ПСЖ, а оттаму дојде Едуард Кемп. Заминаа и левите бекови Арнау Гарсија од Шпанија и Маркус Олсон од Шведска. Дојдоа Хрватот Лука Соколиќ и Португалецот Гончало Виеира од Спортинг.
Како игра Тулуз?
Па можете да си замислите како би играла екипа чија игра ја креира Лук Стајнс од Холандија, играч што е и побрз и цели шест сантиметри понизок од Сташ Скубе.
Најнискиот против највисокиот - Лук Стајнс против Даинис Криштопанс
ШЕШИР „5“ - АОН ФАЈВЕРС
За нив рековме дека би било бинго ако ги добие македонска екипа и уште сме со исто мислење.
Ќе излажеме ако кажеме дека освен пикерот Тобијас Вагнер што игра за репрезентацијата на Австрија, препознаваме и друго име. Во групната фаза влегоа на мала врата. Бенидорм, тим за кој играат ветераните Емил Фојшман (37), Иван Никчевиќ (39) и Хуан Паван (39), на првиот меч победи 34-31, со тоа што Шпанците имаа и шест гола предност во делници од натпреварот. Но, Ковид 19 ги спречи да дојдат на реваншот, а ЕХФ брзо донесе одлука реванш да не се игра.
Фајверс има млада екипа. Главнината на тимот е од 21-23 години, а само пет играчи имаат над 25 години. Оваа екипа ја гледаме зад Металург на конечната табела. Потребно е уште еден тим за остане позади за да гледаме 1/8 финале.