Вечерва од 20:45 часот во „Јане Сандански“, Металург го игра првиот меч од второто квалификациско коло од Лига Европа. Противник е Кренс Луцерн од Швајцарија
Металург е на 120 минути од исполнување на целите за оваа сезона. Барем тие што се однесуваат до меѓународната сцена, а тоа генерално би покрило се до финишот на сезоната кога ќе се сретнат во Е. Пелистер и Вардар во битка за конечниот изглед на табелата кај нас.
Кренс Луцерн е последната пречка пред пласманот во групната фаза на ЛЕ. Металург го доби можеби најпосакуваниот противник во квалификациите, односно екипата со која има најмногу шанси да излезе како вкупен противник. Меѓу тие што беа на менито.
Луцерн во првото коло лесно со 28-19 како домаќин и 29-27 како гостин славеше над хрватската Дубрава. Го побаравме Крешо Иванковиќ, тренерот на Дубрава за да ни ги пренесе своите импресии за Луцерн.
„Металург мора многу да внимава. Против себе има многу добар тим, многу добро склопена екипа“, вели Иванковиќ.
„Според мене, Белорусинот Гарбуз и Словенецот Лапајне се главната осовина во нивниот тим. Гарбуз според мене и на натпреварите со Дубрава беше најдобриот играч. Лапајне, контролираше игра, организираше, влечеше... многу корисен играч им е. Ако не биде во состојба да игра бидејќи се пишува дека е повреден, ќе биде голем хендикеп за нив“.
g-sport.mk: Можете ли да ни објасните каква игра форсира Луцерн во напад?
„Имаат добри поединци на бековската линија, но можеби нивното најсилно оружје е константноста. Се зависи од тактичката замисла и поставеност, но очекувам тие 60 минути да играат брз ракомет, во ист ритам и без осцилации. Постојано ќе влечат брз центар и транзиција во полуконтра и тоа го прават доста спретно. Но, тоа го прават цел натпревар, нема да паднат и поради тоа се многу опасни, треба да се внимава постојано, мала невнимателност и ќе ја искористат“.
g-sport.mk: Каква игра форсира Луцерн во одбрана?
„Сигурен сум дека нивните зони се добро анализирани од страна на Металург. Дозволуваат да се игра пред нивната зона, особено 6-0. Не се екипа со играчи што излегуваат длабоко, фаулираат и пресекуваат, можат да се движат противниците, но тоа зависи и од противникот и од целата ситуација на теренот.
g-sport.mk: Како би ги оцениле шансите за пласман?
„Металург има повеќе шанси да мине од нас. За жал го немам гледано Металург за да можам да кажам поконкретно. Знам кои играчи ги доведе, тие можат многу да помогнат, но многу ми е тешко да проценам кој има повеќе шанси. Очекувам да бидат два неизвесни натпревари. Веројатно ќе решат оние детали како моментална форма, кој играч каков ден има, како ќе бранат голманите, промашен зицер или грешка, некои такви можеби ситни детали што ќе му дадат правец на натпреварот, вели Иванковиќ.
Натпреварот во Скопје ќе се игра со почеток од 20:45, а ќе го судат понатите СЕХА арбитри Борис Милошевиќ и Матија Губица од Хрватска. Делегатот е од Македонија, Камер Металари.
На пладне ќе има технички состанок по кој ќе бидат познати и составите. Јануш Лапајне, поранешниот играч на Металург е дојден со тимот во Скопје. Ќе биде во ростер, но тој има проблем со коленото. Олеснително за него што во домашното првенство не ризикуваше и пропушти два натпревари, но колку и како ќе игра ќе можеме да видиме дури на терен.
Нема најавен пренос, ниту пак „лајв стрим“, веројатно така и ќе остане. Натпреварот ќе се игра без публика.