ДЕНЕСКА Е ДЕНОТ: Вардар ја отвора сезоната во ЛШ

Денеска во Брест, Белорусија со почеток од 18:45 часот, Вардар 1961 ја почнува новата авантура во Лигата на шампионите



Колку може новиот Вардар? Може ли да го носи товарот на трите последни генерации кои трипати беа во Келн, двапати на тронот? Ќе искористиме позната флоскула, „Полесно е да се освои врвот отколку да се задржи“. Никој досега откако се игра Ф4 форма го нема одбрането тронот. Нема да го одбрани ниту Вардар, но додека не се одигра Божиќниот „Ф4“ пехарот бара нов освојувач, а последниот што бил на тронот е Вардар. Амбициите со кои стартува се помали, цел е 1/4 финалето, но дали Вардар 1961 е доволно силен и за дотаму?

Во Ковид сезона во која еве уште на стартот ПИК Сегед ЛШ ќе ја гледа од карантин, а Барса во Украина ќе оди без тренерот, многу невозможни работи ќе бидат возможни. Еднаш рековме, оваа сезона услови да биде како трка во Формула 1 на која истура силен дожд а сите мораат да возат со гуми за сува патека. 

Одговорите ќе почнат да се сервираат уште вечерва од 18:45 часот според новите термини на ЕХФ. За почеток на ТВ Арена, наскоро се надеваме и на МТВ. И на новиот катастрофален веб сајт на ЕХФ. Сакаа со новиот веб сајт да направат чекор кон модернизација, а направија чекор со кој длабоко влегоа во дизајнерски хаос. 

Ланското гостување нво „Викторија“ нема по добро да го памети Вардар. Водеше актуелниот европски првак 13-12 на полувреме, на крајот загуби со девет гола гола (22-31). Мешков годинава играчки е на ниво од лани, Вардар не е. Тоа не е добра најава, но многупати е кажано дека не играат имињата на дресовите, туку тоа што го носат во градите. 
Впрочем така и освои два шампионски пехара Вардар. 

Комплетен е тимот на Алушовски, хендикеп е што Вардар не е во вистински натпреварувачки ритам. Дуелот со Нексе и двете средби од СЕХА Ф4 се единствените средби со официјална нота пред новата сезона во ЛШ. А има девет нови играчи и многу непознаници пред Алушовски. 



Дали се прекршува сезоната уште во првото коло? Победа во Брест не само што ќе ги врати насмевките и самодовербата, туку ќе му инсталира на Вардар крилја пред дуелот со Елверум во Скопје и гостувањето кај најлошиот од најлошите - ПИК Сегед. 
Обратната варијанта, ќе отвори поглавја со нови прашања и сомнежи. 

За разлика од лани, Алушовски сега нема да мора да се мисли за Акамбре, Канкараш, Кулак, Ѓукиќ и Обрадовиќ кои си заминаа од клубот, нема да мора да се мисли ниту за Сандро Обрановиќ, Симон Разгор и Максим Баранов кои се повредни. 

Новите грижи во прв ред ќе му ги создава Сташ Скубе потоа Павел Пачковски, Димитри Санталов и Владимир Врањеш... но, останаа јадрото на тимот. На пример Шкуринскиј кој за нас во моментов е најдобриот руски бек, потоа Малус, па ракометарот што шутира и со лева и со десна рака - МаркоПаниќ и опасните реализатори Јуринок и Вајлупов...
За и така несигурниот напад на црвено-црните, проблем ќе биде и одличното голманско дуо - Иван Пешиќ и Иван Мацкевич... 

Ако треба да бараме слабост кај противникот, тогаш тренерот Раул Алонсо ќе го ставиме како најслабата алка. Неогвите ротации и начинот на кој ја води екипата, некако ни дава надеж дека Вардар денеска може да се врати со добар резултат.


 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk