Вечерва во Винковци ќе се игра реванш натпреварот од првото коло од квалификациите за Лига Европа меѓу Спачва и Металург
Со истиот состав што минатата недела во Скопје запиша победа од 35-28, Металург ќе го одигра и реванш натпреварот со Спачва, вечерва од 19:30 минути.
Нема да има ТВ пренос, нема да има ниту видео стрим од овој меч поради заштитени авторски права.
Металург е на прагот да се пласира во втората рунда на натпревари и патем да и ја подобри позицијата пред ждрепката.
Имено, доколку ЕХФ не смисли некое ново само за нив познато правило, а ЕХФ е секогаш кадарен да смисли некое ново само за нив познато правило, Металург заедно со Азоти Пулави и Мелзунген (ако не се пласира Мелзунген тогаш Бенфика) треба да се пресели во првиот шешир и таму заедно со РНЛ, Монпеље, Берлин, Тулуз, Спортинг, ГОГ, Бенидорм, Нексе и Балатон да чекаат нова поделба по Ковид зони за ждрепката за второто квалификациско коло.
Но, работата мора до крај да се заврши. Спачва беше жилав противник во добар дел од мечот и заслужува целосен респект во пресрет на натпреварот. Сега за прв пат во клупската историја играат европски меч на домашен терен, па од нив се очекува даа се надминат во поглед на борбеност и желба да стигнат барем до победа.