Ракометната федерација на Македонија се чини дека одигра одличен потег кога ја прошири и ја подели на две групи Супер лигата. Сличен предлог беше одбиен во Шпанија, па сега се во проблеми
Ракометната Федерација на Македонија одигра храбар потег кога во април реши следната сезона во Супер лига да има 16 екипи што ќе бидат поделени во групи. Системот беше критикуван, јасно не може секому да се угоди, но им се угоди речиси на сите, вклучително со „пробирливите“ Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер.
Нема да навлегуваме во деталите, тоа е веќе сторено, но сега пред стартот на првенството, гледаме една од придобивките на ваквиот систем.
Корона не само што не е победена, туку се спрема за нова офанзива. Првенствата ќе се најдат на удар, не само во Македонија. РФМ со овој систем им обезбеди на клубовите, време. Нешто што ќе биде многу скапо (платено) во другите првенства.
Есенската лига треба да заврши во ноември на почетокот, а тоа e прилично рано ако се оди според планот. Но, да се надеваме дека ќе оди се по планот, па макар и тоа на крај било „најголемиот“ проблем. Реално е да се очекува дека нема да биде така. Но, Супер лигата ќе има цели два месеца на располагање да одложува, комбинира, чека нови термини и слично ако за тоа се покаже потреба.
Зошто го пишуваме ова?
Сличен предлог беше на маса и во Шпанија. Барса и Синфин заговараа Асобал да се игра по групи, но Лигата и мнознството од другите клубови не гледаа толку далеку колку Барса, Синфин па и РФМ да кажеме, туку шампионатот што веќе броеше 16, се зголеми на 18 екипи, се направи распоред и закажа старт на првенството.
И сега кога првенството треба да стартува, играчите и клубовите видоа дека системот не им одговара со корона условите на теренот. Проблеми (ќе) имаат, но не можат да одложат натпревари и калкулираат со распоредот.
Затоа напишаа писмено барање до претседателот на Лигата. Барање стартот на првенството да биде одложен. Но, тоа не е едноставно затоа што распоредот е веќе збиен и секое одложување носи компликации плус. Затоа барањето стартот на првенството да биде одложен е поткрепен и со барање уште пред да почнат да се смени системот на натпреварување.
Одново е на маса идејата лигата да биде поделена на групи. Има и други идеи, какви што веќе имаме слушнато, а тоа е да се играат турнири, да се прават различни комбинации со географска близина и слично. А тоа ја прави ситуацијата уште покомплицирана затоа што ги гази времето, во четврток треба да почне првенството.
Во потрага по систем на натпреварување не е само Шпанија. Унгарија планира првенство што ќе заврши во февруари. Романија отиде дотаму што сакаше цело првенство да се одигра за еден и пол месец, на турнир како да е Светско првенство, со сите екипи во еден град, во карантин во хотели и слично...
Германците се во проблеми. Нема публика најмалку до ноември, а можеби и до јануари. Кил и Флензбург побараа да се откаже СП и да почнат да играат во јануари. Идејата веднаш им беше одбиена, но тоа беше - тогаш. Сега кога се знае дека до ноември нема ништо од публика и Рајн Некар индиректно им даде поддршка, а прашање е кога тоа ќе го сторат и (барем дел од ) другите. Од утре ќе седнат на маса Бундеслигашите за да ја разгледуваат новата мака.
Не можеме да предвидиме како се ќе изгледа кога ќе почне првенството и во кој правец ќе се одвиваат настаните. Но, од стартна позиција, можеме да кажеме дека РФМ одигра одличен потег. Шпанците требаше само да го ископираат.