Металург тестираше 35 ракометари, логистика и членови на управа за дуелот со Спачва во „Автокоманда“
Металурзите се Ковид негативни и играчки спремни за утрешната пресметка од првото коло на ЛЕ. Вчера беа тестирани вкупно 35 играчи, логистика, службени лица и членови на управата. Сите што утре ќе имаат право да бидат во сала, на и околу теренот.
Добрата вест е дека се сите Ковид негативни, „Автокоманда“ е спремна според протоколот на ЕХФ, а денеска се очекува и доаѓањето на гостите од Хрватска.
Металург, а исто така и Бутел Скопје за противници добија дебитанти во Европа. Спачва и Ѓунѓеш се двата тима што прв пат излегуваат во Европа, а полудиригираната ждрепка ги прати на дуел со македонските екипи.
Металург е голем фаворит според името и рејтингот, но сезонава се изместени од регуларниот колосек сите работи. Сигурно ниту една од екипите што сега ја почнуваат сезоната нема да бидат во најдоброто издание со оглед на големата пауза предизвикана од подмолниот вирус.
Но, македонскиот тим одигра неколку контролни натпревари на кои ги намести своите нишански справи и ги наполни оружјата, па утре очекуваме добар перформанс и добар резултат како вовед во новата сезона.
Натпреварот ќе се игра во „Автокоманда“ со почеток од 19:00 часот. Нема да има ТВ пренос.