ЛЕ: Каков противник доби Бутел Скопје?

Бутел Скопје може да биде задоволен со ждрепката која за противник му го додели тимот на Ѓунѓеш од Унгарија. Клуб што за дел од македонската ракометна јавност стана препознатлив пред нешто повеќе од десетина години кога за нив потпиша тогашниот македонски репрезентативец Златко Димитровски од Пелистер. 



Во моментот кога беше прекинато првенството на Унгарија, тимот на Ѓунѓеш, противникот на Бутел Скопје во ЛЕ, по 19 одиграни кола беше на трето место, зад Веспрем и Пик Сегед. Со само 5 порази од кои два се од споменатите Веспрем и Сегед и по еден од Балатон, Татабања и Мезокошвед. 
Но, на табелата беше пред Татабања и Балатон. 
Распоредот според кој стана петта унгарска екипа е од првенството 2018-2019, кога завршија зад споменатиот квартет. 

Ова е сериозен противник во чии редови ќе ги препознаете српските интернационалци Митар Маркез и нивното најславно име пикерот Урош Виловски кој на 34 години доби право да игра за репрезентацијата на Унгарија. Тоа беше во 2018 година. Претходно во 2006 беше регрутиран од Веспрем, но постојано испраќан на позајмица во разни клубови, меѓу кои и францускиот Монпеље. 

Годинава направија само три измени, од кои две се на голманската позиција. Ги доведоа кадетските голмани на Унгарија (У19) -  Бенедек Наѓ (ФОТО, Веспрем 2) и Пол Мерковски (Ференцварош). 

Може ли да биде задоволен Бутел Скопје? Умерено, да. Затоа што во еден момент во шеширот од можни противници останаа Ѓунѓеш, Спачва и ЦСКА Москва. Винковци ќе беше идеално за нив, Москва најлошото можно. 

Нивниот состав во моментов, изгледа вака:

Голмани: Михали Тот, Бенедек Наѓ, Пал Мерковски
Десни крила: Урбан Егон, Мате Габор
Десен бек: Mитар Маркез, Бенче Пап, Оливер Јарош
Плејмејкери: Љубомир Дуриш, Давид Уборњак, Мартин Граф
Пикери: Урош Виловски, Марк Фидлер, Герд Тибор
Леви бекови: Mирко Херцег, Халаш Леванте
Леви крила: Tамаш Немант, Милан Версандан
Тренер: Чаба Конколи

Во Унгарија секој тим си има локален ривал за дерби, а за Ѓунѓеш тоа е тимот на Егер. А за Егер минатата сезона бранеше Јане Цветковски. 

„Се работи за одлична екипа, беа трети минатата година, но се гледаа резултатите од претходната. Солидна одбрана и страшно добра полуконтра. Носители на играта им се бекот Херцег, средните бекови им се многу брзи и добри се напаѓачи, одличен е и десниот бек Митар Маркез, а за пикерот Виловски не треба да се зборува“, накратко објаснува Цветковски за каков противник се работи.

Севкупно, Унгарците се благи фаворити во однос на Бутел Скопје, но по ланската малерозна елиминација, скопскиот тим сега е побогат за такво искуство. Играчки е позрел и посилен и веруваме дека ќе успее да не израдува, да се пласира во следната рунда и да освои бодови за Македонија во ЕХФ ранкингот. 

Првиот натпревар ќе се игра во Унгарија (29 август) реваншот е седум дена подоцна во Скопје.  
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk