ЛЕ: Спачва и винковачките „Гмазови“

Металург денеска го доби најпосакуваниот противник во квалификациите за пласман во второто коло од Лига на Европа



Спачва од Винковци е противникот на Металург во квалификациите за Лига на Европа. Пласманот во ЛЕ го обезбедија благодарение на третото место на табелата на прекинатиот шампионат во кој освоија 19 бода и беа на делба со Замет и Пореч. Имаа скор од 8-3-7 и гол разлика -11. Тука се запишани и порази од 20-28 од Сесвете, 32-23 од Горица, 23-28 од Дубрава...  Како петта екипа од Хрватска го направија тоа што не го сторија Охрид или Т. Пролет, да аплицираат за дополнително место. Севкупно, Металург за противник го има тимот што во Хрватска е на делба на 5-7 место. 

Спачва Винковци своите натпревари ги игра во Винковачко Ново Село. А клубот стана популарен во регионот, откако во малата сала почна да доаѓа навивачката група „Гмазови“ (Рептили). Малата сала стана претесна, амбиентот врел и тоа дополнително ги прави незгодна екипа. 

Навивачите на Спачва се познати под името „Гмазови“

За Металург не би требало проблем да се трибините, особено што во корона време најверојатно ќе се игра без публика, во најлоша гостинска варијанта со редуциран број на гледачи.

Играчки, барем физички гледано се добро селектирана, млада екипа во која има осум ракометари повисоки од 190 сантиметри, предводени од десниот бек Борна Манци Минчевиќ висок 208 см и теѓо 113 кг. 
Клубот во последните години почна да лови и ракометни таленти од БиХ. 
Тренер им е Јосип Мечиќ, претседател Мирко Мечиќ и тука гледаме поврзаност.

Резултатски, натпреварите со Нексе и ППД Загреб на пример, секогаш биле неинтересни и завршувале најмалку со осум гола разлика за пославните хрватски имиња. 

Првата средба се игра во Скопје (29 август), реваншот во Винковци на 5 септември. Ако Металург се пласира во второто коло, тогаш би требало да влезе во првиот шешир заедно со Мелзунген и Азоти Пулави и одново да добие противник од регионот. 

„Посакуван противник, но нема ниту да се опуштиме, ниту да ги потцениме. Сепак е тоа екипа што доаѓа од земјата на европскиот вице-првак. Во моментов немам многу информации за нив, но наскоро се надевам дека ќе имам доволно материјали и дека ќе се подготвиме соодветно на предизвикот“, изјави задоволниот тренер на Металург, Зоран Кастратовиќ.
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk