Еурофарм Пелистер, подновен со нови зелено-бели дресови како основа или додаток на колекцијата, со големи цели пред нив
Еурофарм Пелистер неколку сезони склопуваше тим што ќе може да го биде втор, односно тим доволно добар да го победи Металург. Пред две сезони тоа им појде од рака, но сега предизвиците пред нив се поинакви.
Битолчани успеаја во својата прва цел, да купат играчи, да создадат екипа доволно добра за да стигнат до СЕХА и ЛШ. Тоа им донесе привилегија и во прекинатата сезона да бидат рангирани втори, па одново ќе играат СЕХА и овој пат директно место ќе имаат во ЛШ.
Да не се навраќаме на тоа кој се дошол кој отишол, главното во преодниот рок за нив беше што заминаа Јотиќ, Остроушко и Митревски. Двајцата главни стрелци и голманот што ги спасуваше во многу ситуации.
Од звучни имиња што дојдоа, можеме да го подвлечеме единствено Стипе Мандалиниќ.
На голот шанса ќе добијат македонски голмани, барем во прв момент, тоа низ кулоарите се провлекува како хендикеп, но не би се согласиле, од некој агол дури е и добро што, конечно, ќе добие вистинска шанса Чаневски на пример.
Жељко Бабиќ е проверено тренерско име и не се сомневаме дека знае што сака и што прави. Предизвиците пред него се поинакви, затоа што, ако ништо друго, Металург годинава ни оддалеку не е тоа што беше откако дојдоа играчи како Рниќ, Хорват, Тарабокија.
Но, додека дојде време да ги вкрстат копјата ќе минат месеци, а во нив Е. Пелистер ќе ужива во играњето во групната фаза од ЛЕ.
Тука и ќе видиме што можеме да очекуваме од нив. Костурот на екипата ни е познат, можеме да кажеме само пофални зборови за нив во поглед на тој беа истретирани македонските играчи. Добро е што навреме се појави овој клуб како амбициозен па ги имаме Ојлески, Никола Маркоски, Чаневски, минатата сезона Митревски, следната сезона и Танкоски, Кукуловски, Ненад Костески во клуб со големи амбиции каде што мораат да го даваат максимумот.
Од новите ракометари, искрено, познато ни е како игра Мандалиниќ, додека ќе се воздржиме од секаков коментар за Кушан, Мараш и Периќ.
Според рејтингот што ЕХФ го користи, излегува дека е поважен рејтингот во ЛЕ отколку во ЛШ, па задача на Е. Пелистер како најдоброрангиран клуб од Македонија да одигра важна и одговорна улога. Тие имаат директно место во ЛЕ и треба да жнеат бодови за рејтинг. Ако успеат да им се приклучат и Металург или Бутел Скопје, уште подобро, Македонија од деветто место ќе мора да се искачи горе и да биде подобра од унгарските, полските, шпанските, шведските и швајцарските екипи во ова натпреварување, затоа што реално и сме подобри од нив.