ЛАЗАРОВ: Следната сезона е последна, а за Македонија ќе играм до крајот

Пишува: Ричи Ѓамовски

Следниот јуни, кога ќе се спушти завесата на тековната сезона, друштвото на најголеми ракометни имиња низ историјата, внимателно селектирано друштво во кое на пример меѓу последните му се приклучија францускиот голман Тјери Омејер ќе добие нов член. Во оваа одбрана селекција ќе влезе рекордерот од СП, ЕП, ЛШ - Кирил Лазаров. Освен, ако не се случи нешто несекојдневно. 



Со години наназад како дел од најголемите стравови, воедно и како најпакосна „пецка“ на противниците кажана  некогаш добронамерно, почесто злонамерно провејува - Што ќе правите кога ќе се пензионира Кирил Лазаров? Уште попакосно одговаравме дека Лазаров ќе игра до 50 години, па нема за што да се мислиме... Но, биологијата си го кажува своето, а најпознатиот македонски спортски производ, на терен активен ќе биде само уште една сезона. 

Во Македонија, барем во ракомет, не можеме да кажеме дека недостасувале несекојдневни настани или чуда. Можеби ќе бидеме сведоци на нови, едно од нив можеби ќе се однесува до кариерата на Кирил Лазаров... Но, нема да му го менуваме контекстот на зборовите. Иако не е официјализирано, Кирил Лазаров најави дека следната сезона, навистина е последна. 

КИРИЛ ЛАЗАРОВ: Идејата не е нова, од поодамна беше зацртано да завршам со активно играње летото 2021. Одлуката ми е донесена во мислите и треба наскоро да биде официјално. Мислам дека на почетокот на следната година ќе биде официјално. Треба да се случи нешто несекојдневно за да ја променам таа одлука“, изјави за g-sport.mk Кирил Лазаров. 



Пред македонската сениорска репрезентација се појавуваат нови тешки предизвици. Со настапите на СП Германија и ЕП Австирја и ненастапувањето на СП Египет, губиме од рејтинг бодовите и ќе одиме по тенката линија што ги раздвојува екипите од вториот и третиот шешир. До кога ќе може селекторот да смета на твоите услуги во репрезентацијата? 

КИРИЛ ЛАЗАРОВ: Веќе имам кажано, додека сум активен како играч, ќе бидам и на располагање на репрезентацијата. Играњето во националниот дрес секогаш ми било задоволство, па така ќе биде и сега“. вели капитенот на тимот.

По ова би требало да „здивнат“ малку македонските фанови затоа што следните квалификации, за ЕП 2022 завршуваат кон крајот на април, а Лазаров ќе биде активен тогаш. Потоа се надеваме ќе следи настап на ЕП, јануари 2022 година што ќе биде и првото на кое (теоретски) ќе треба да се снаоѓаме без капитенот на теренот. Репрезентацијата е круната на македонскиот спорт, така било - така и ќе биде..
 
КИРИЛ ЛАЗАРОВ:Националната селекција е светост за една држава. Било кој клуб, во која ило држава, колку и да е успешен, не може да обедини цела нација како што тоа го прави репрезентацијата. Државата треба да поведе поголема грижа, со сериозна поддршка за националните селекции со кои се гордеела и ќе се гордее во иднина. Ние сме најуспешната селекција во државата со 11 учества на големите натпреварувања од нашето осамостојување.
Имаме квалитет и иднина, тоа го тврдам, иако веќе подолго време се оспорува квалитетот и можностите на играчите од новата генерација. 
Има работи што не ми се допаѓаат и мора под итно да се исправат.
Репрезентативниот дрес тежи многу и за да се бид еуспеен во него, треба многу да се испоти. Тоа е традиција што треба да се надоградува, а не по линија на помал отпот да се сожалуваме. 
Стравот е голем непријател, не треба да се плашиме да поставуваме високи цели, тие треба да не водат напред.Се надевам дека пандемијата брзо ќе заврши и ние спортистите ќе ги полниме одново салите и ќе славиме со нашите навивачи“. 



Лазаров ќе остане во ракометот и откако ќе завршат играчките денови. И тоа не теренот, во улога на тренер... 

КИРИЛ ЛАЗАРОВ: Свесен сум дека можеби бирам една од најтешките работи на светот - тренер. Но, тоа, пак, е  единствената работа во која би имал предизвик. Седењето во некоја канцеларија и продавање на памет надвор од терен е нон сенс за мене. Во мојата долга интернационална кариера, секогаш бев како играч продолжена рака на тренерите во 90% од ситуациите. Имаме чувство и сигурен сум дека ќе успеам и како главен тренер. 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk