СЕХА има замена за Кинезите, Вардар не планира враќање во Супер лига

Ведран Шупуковиќ, директорот на ППД Загреб, вчера, во интервју за Спортске Новости, извади на виделина сценарио што во ек на корона е изводливо и поразително, а тоа е да нема не само европска, туку воопшто меѓународна сезона. 



Кинезите откажаа годинешно учество во СЕХА, евро-сезона можеби нема да има, а ППД Загреб и Нексе разгледуваат алтернативни варијанти од кое една е и враќање во домашното првенство на Хрватска.
Вака во два реда можеме да го сумираме интервјуто на директорот на ППД Загреб. А тоа отвора нови прашања. 
Кој би ги заменил Кинезите следната сезона? Дали и Вардар 1961 и Е. Пелистер размислуваат за варијанта враќање во Супер лигата? 

Одговорите ги побаравме кај најрелевантната личност, Михајло Михајловски, претседател на СЕХА Гаспром и претседател на Вардар 1961. 

„Нема да играат Кинезите следната сезона во СЕХА, така сум и јас информиран“, вели Михајловски.

Но, СЕХА сигурно нема да биде послаба со квалитет, напротив. Опции има неколку. Отпорано романските медиуми пиуваа дека Динамо Букурешт е заинтересиран, некои сигнали дека сака да игра СЕХА испрати и ПИК Сегед. Но, овие два клуба не се единствените. 

„АЕК, од Грција испрати официјално барање за приклучување кон СЕХА; Борац Бања Лука исто така испрати барање, така што имаме опции за замена“, изјави за g-sport.mk, Михајловски. 


Екипите ширум Европа почнуваат со подоготовки за следната сезона. Се одредуваат термините за играње, се прават плановите, но никој засега не може да претпостави како сето тоа ќе изгледа, еднаш кога ќе почне сезоната. Во Македонија конкретно, од тоа што можеме да го слушнеме од релевантни извори, во септември се очекува нов бран, посилен од сегашниот. Како сетоа тоа ќе се одрази на целата сфера на живеење, ќе видиме. 

- ППД Загреб најави дека разгледува сценарио и за враќање во домашното првенство, дали и Вардар се спрема за таков потег?

„Не. Вардар не размислува за враќање во Супер лигата. Сметаме дека ќе биде се во ред и дека СЕХА Гаспром ќе се игра како што е предвидено“, изјави Михајловски. 



 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk