Со колку нули се пишува вајлд карта?

ИХФ вчера ги додели вајлд картите за СП Египет 2021. Слават Полска и Русија, Македонија има уште една последна можност. Турнирот „Последна шанса“ што треба да се одржи во Ел Салвадор, сега е последна шанса и за нас. Не сме оптимисти. 



Првата проспана ноќ по доделувањето на вајлд картите за СП Египет 2021, не беше доволно долга за да ги испере гневот и горчината што го донесе разочарувачкиот потег на Извршната комисија што го води светскиот ракомет. Треба да сме достоинствени и во ваков пораз, но тоа не значи и дека треба да премолчиме. 

Особено откако го прочитавме и објаснувањето од цела една реченица, се ред до ред зборови бирани од кубертеновиот речник. 

„Генерално, развојот на ракометот во земјите што побараа вајлд карта и ефектот што таа ќе го има во глобалниот развој на ракометот и зајакнување на најголемиот настан, но и економските причини, посебно во време на Ковид-19 беа земени во предвид кога се носеше одлуката“ - ова е објаснувањето за одлуката. 

За нас овие зборови звучат вака: Полска и Русија се поголеми, со поголем ТВ аудиториум и подобро е тие да играат отколку Македонија да е на СП. Полска е патем и домаќин на следното СП па барем до 2023 ракометот мора да биде во поостар фокус кај нив.
Економскиот момент? Него ќе го видиме испишан на руски на билбордите кога ќе се игра мундијалот или со некој спонзорски договор што гордо ќе биде презентиран.
Спортскиот момент? За него немаше место, посебно во време на Ковид 19, иако принципот ќе остане и ќе биде ѕвезда водилка и за следните Светски првенства и кога нема да биде време на Ковид - 19. 
Впрочем, наскоро САД треба да почне да добива вајлд карти. 

Од морето реакции и коментари од Македонија, издвојуваме дека голем број се однесуваат до настапот на Македонија на ЕП 2020. Ако се пласиравме во главна рунда, сега ќе бевме и на СП. Не заслуживме и сл. Данило Брестовац со поразот од Чешка направи „грев“ што ќе го следи уште многу долго, па веќе со месеци е на удар на јавноста и не треба да потценираме дека е посочен како главен виновник. 
Но, дали е во овој дел јавноста во право? Единствено во фактот дека ако бевме во главна рунда ќе бевме на СП.
Но, не се согласуваме со тие ставови. Овде не решаваше спортскиот момент. 
Македонија беше 15 на ЕП, прва на ред за добивање вајлд карта ако се гледа спортскиот момент. 
Ако ние не заслуживме, како тогаш заслужија Полска и Русија кои беа 21 и 22 место на ЕП?

Голем дел од јавноста исто така не прави разлика меѓу ЕХФ и ИХФ и им се „спремаат“ на ЕХФ службените лица на првата следна можност. Тоа е погрешно, ЕХФ имаше испратено до ИХФ писмо со кое информираше за европските квалификации, а таму Македонија е заведена како прва европска резерва. 

Подвлечено треба да сме свесни и сакале не сакале да го прифатиме моментот дека спортскиот момент ја загуби битката со економскиот и тоа веќе не се обидуваат ниту особено да го прикријат. Тоа е „новата реалност“, би рекле со ковид зборови. 

Можеби требаше ЕХФ да крене глас кога ИХФ, за квалификациите во кои цела Јужна Америка не успеа да собере 8 репрезентации, место да им избрише едно место како што мораше, реши да им даде „Последна шанса“. 
Сега таа „Последна шанса“ е всушност и последна шанса Македонија да ја видиме на СП. Новиот турнир требаше да се одржи во јуни, но е одложен. До крајот на октомври е последниот рок, а ако не се одржи потоа повторно ќе решава ИХФ. 

И тука се можни две сценарија. 
Првото, со оправдување „Ковид 19“, местото да биде доделено по принципот на кој ЕХФ ги додели местата, според рејтинг, односно пласман на последното ЕП. Но, има две битни разлики. Во Пан Америка за разлика од Европа се играа квалификации немаше доволен број на екипи за да го добијат пропишаното место.

Второто сценарио е пропишано со пропозициите на ИХФ. Ако не се одржат овие квалификации, тогаш нема вајлд карта, а местото го добива најдобриот континент. Тоа е Европа. А ЕХФ веќе потврди дека првата европска замена е Македонија. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk