Червар: Анкетата е мамка, одвлекување на вниманието од вистинските проблеми

Неделава, водечкиот германски ракометен магазин „HandballWoche“ објави анкета во која 39 познати тренери зборуваа за играта „седум на шест“. Дури 30 од нив беа за укинување на правилото, петмина за модификација, четири тренери беа да остане. 
Поранешниот селектор на Македонија и тренер на Металург, Лино Червар, е еден од тие што се „за“ ова правило, но во интервју за g-sport.mk имаше уште нешто да додаде. 



„Зошто сега дискусија за играта 'седум на шест', прашува Хрватот со македонски пасош. „Сметам дека оваа гломазна анкета е само мамка, одвлекување на вниманието од вистинските проблеми во ракометот. 'Седум на шест“ не е решение за ракометните проблеми, затоа што не е ни дел од проблемот. Кој не ја сака - не мора да ја игра. Ако си добар, ќе победиш и против таа тактика. На крајот излегува дека се плашат од неа, затоа што се плашат од пораз. А имам видено многу силни екипи што против послаби тимови се 'ваделе' со оваа тактика. 

„Вистинските проблеми во ракометот се три правила“, продолжува Червар. „Еден“ - тоа се времетраење на напад, „Два“ - пасивна игра и „Три“ - пробивање. На овие правила треба да се работи, треба модификација и поедноставување. Затоа ракометот и не може да мине во САД. Публиката не ги знае правилата, судиите имаат проблем со нив, сите имаме проблем со тоа. А ние добиваме анкета за 'седум на шест“. 
Потоа имаме аматерски судии што судат на профеионалци. И со само три одлуки, можат да поништат се што е сработено. Но, не се ниту судиите виновни,  виновни се правилата, тие се нејасни. А судиите се доведени во ситуации да носат субјективни одлуки. Мислеле дека е така, било поинаку. Нема ракометен ВАР“ вели Червар. 

Што се однесува до „седум на шест“ имам седум добри причини за да кажам дека е Најдоброто креативно решение на ИХФ. 

1. Со составот напад „седум на шест“ до израз доаѓа колективноста на сметка на индивидуалноста, изнаоѓање на креативни решенија.
2. Ова никој не го споменува, но се работи за подигање на мисловниот процес, за подобрување на перцепцијата и антиципацијата, на квалитетот на носење одлуки. Играчот што носи одлука мора да мисли и на својот гол. 
3. Се спречува груба игра, излегување со груби дуели. Ако овде се обидеш да излезеш со цел да фаулираш, може веднаш да биде казенето. 
4. Составот 'седум на шест' е добар за квалитетот на движењето, за координацијата, подобрување на техниката, психолошкиот инстинкт
5. Играта седум на шест форсира алтуризам место егоизам. Несебничност. Овде нема додавање на топката на пример до Сагосен, па тој нека решава. Сите учествуваат во играта и пикери и крила, а и голманот мора да биде 100 проценти фокусиран за да може да истрча и навреме да направи измена. 
6. Богатите екипи со слаби тренери и играчи што не сакаат напредок на ракометот, се плашат од оваа игра, се плашат дека послаб противник може да ги победи нивните скапи состави. Побезбедни се ако не постои ова правило. 
7. ИХФ мора да се труди и да спроведе, ракометот да биде животно чесен натпревар. Да не прави разлика меѓу богати и сиромашни и сите на натпревар да добијат фер шанса да победат. 

„Сметам и дека одлуките за менување на правила треба да се носат многу постудиозно и со повеќе консултации. Во минатото незамисливо беше да се донесе ваква одлука без да се консултираат врвните тренерски имиња, како Јевтушенко или Миронович на пример. 
Денеска такви одлуки носат административци без вистинска консултација или дискусија. Јас сакам отворена дискусија со врвните тренери на темава, да видиме кој е за или против и зошто, па да ги споредиме мислењата, не не анкета или интервју“, заврши со излагањето актуелниот селектор на репрезентацијата на Хрватска, финалист на последното ЕП, одржано во јануари годинава. 

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk