Поранешниот ракометар на Вардар, потоа и на Металург, а во меѓувреме и македонски зет, Александар Стојановиќ реши да ја заврши кариерата. Но...
Александар Стојановиќ имаше сосема коректна кариера во која запиша настапи и за двата најдобри македонски клуба, играше во ЛШ, стана репрезентативец на Србија, се проба и во Словенија и во Швајцарија и потоа одново се врати во Ниш.
Одигра една сезона за Железничар,потоа реши да ја заврши кариерата.
Но, не стигнаа уште сите и да го прочитаат насловот дека Стојановиќ се пензионира, клупската управа успеа да му ја смени одлуката. Ќе игра уште една година и ќе му помогне на клубот.
Железничар во еден момент, пред три сезони, беше клуб во голем подем, освои пехар по 69 години, а само 10 сантиметри од гол линијата го делеа од двојна круна.
Потоа реши да направи уште чекор напред, па го ангажираше Вујовиќ за тренер, доби слава и место во медиумите, но неочекувано, место напред, следниот чекор го направи во провалија.
Сега одново е битка за секој динар, клубот веќе не во редот во кој стојат фаворитите, но неколку ентузијасти предводени од нашиот колега Душан Јоциќ успеаја да му ја спасат душата и Железничар одново живее и чека подобри времиња.