Сагосен пристигна во Кил

Најзвучниот трансфер годинава е преминот на Сандер Сагосен од ПСЖ во Кил. Одамна познат потег, па затоа и без сензационализми Кил го дочека Норвежанецот.



Сандер Сагосен до 30 јуни беше играч на ПСЖ, од 1 јули член на Кил. Одамна договорен трансфер, а и покрај тоа што три месеци нема сезона, ПСЖ не го ослободи, па дури мораше да се појави на подготовките на клубот што почнаа неодамна. 

И Сагосен без збор ги послуша своите довчерашни работодавци. Без оглед на тоа што амбиентот беше како на средношколец кој завршува четврта година, а мора да биде во клупа и на 10 јуни  и тој се појави на тренинг на ПСЖ, одработе уште неколку задачи под водство на Раул и потоа пристигна во Кил. 

„Зебрите“ дури сега почнаа да го користат во маркетингот, првото интервју, првите впечатоци, првите видео-клипови веќе се достапни за сите. 
По обичај, кога треба живеењето во Париз да го споредиш со кој било град, одговорите се лимитирани. 

„Овде има помалку бучава, помалку гужви, а повеќе зеленило. И ми се допаѓа тоа. Навикнат сум да живеам покрај вода, а сега од мојот апартман можам да го видам фјордот. Тоа е уникатна глетка и веќе ми помогна да се чувстувам како дома“, изјави Сагосен. 

Со доаѓањето на Сагосен, Кил формираше врвно трио на центарската позиција (Сагосен - Зарабец - Дувњак),. Тие ќе бидат потпомогнати од Билик, Нилсон (засега) и Хорак од левата и Рајнкајнд и Вајнхолд од десната страна. Тоа се осум бека што уште во декември ќе имаат шанса да му донесат на Кил шампионски пехар. А, допрва ќе се очекува од нив да го вратат за момент нарушениот углед на црно-белиот тим и германскиот клупски ракомет кој три сезони не видел свој клуб на Ф4 во Келн. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk