Спортски натпревари со стриктно почитување на препораките и без публика, од денеска одново можат да се организираат на територијата на нашата држава.
На денешната седница Владата донесе одлука за престанок на важењето на забраната за одржување спортски натпревари во колективните спортови и ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести федерациите да го отпочнат организирањето спортски настани со стриктно почитување на упатствата за натпревари без публика и на другите препораки кои се однесуваат на запазување на здравствената безбедност на играчите и останатите вклучени во натпреварите.
Сега останува клубовите прво добро и до детал да се информираат што смеат, а што не смеат. И да почнат да ги планираат подготовките. Или подобро кажано да почнат подготовки за подготовките, со оглед на тоа дека четири месеци играчите тренираа од дома.