Може ли Шпанец да ја обедини Србија?

Tони Херона (Toni Gerona) шпански тренер кој го водеше Тунис на последниот Африкански шампионат, полн со оптимизам, широки насмевки и тапкање по раме во друштво со две српски легенди (Драган Шкрбиќ и Ратко Николиќ) беше претставен за нов селектор на Србија. 



Србија е своевиден ракометен феномен во Европа. Не можат да ја кренат популарноста покрај фудбалот, кошарката и одбојката, клупски паднаа на ниво на Косово (последен ранкинг на ЕХФ), но индивидуално, имаат ракометни имиња кои споени во еден состав без размислување би ги сместиле меѓу кандидатите за медал на ЕП и СП. Па, сепак и на ЕП и на СП се меѓу тимовите со кои мафта ракометната опашка. 

Проблемите првенствено со егото/суетата, тврдолавоста, нарушени односи со години наназад буткани под големиот тепих вообичаено се обидуваа да ги решат со менување на селектори. Подоцна и селекторите се обидуваа со истите проблеми да се справат, со менување на играчи. И епилогот е секогаш истиот, а при почеток на секои подготовки, се прогнозира за колку време ќе се скараат. Вообичаено, не им треба многу. 

Србија одново со промена на селектор се надева дека ќе воведе промени. Нив стручни селектори никогаш не им недостаувале. Но, секогаш тоа биле домашни тренери што воглавно станувале дел од проблемот, а не дел од решението. 
Тони Херона дојде во Белград полн со оптимизам, широки насмевки и големи очекувања. Веднаш стигна и делот што го повторуваа и најавуваа сите, а никој не успеа да го оствари. Тоа е враќање на големите имиња во репрезентацијата. Херона ги чека Абутовиќ, Ѓорѓиќ, Ненадиќ, па и Вујин и другите „блудни“ синови назад, да се смират и да играат за Србија како ништо да не било. 

Можеби на Србија навистина и требаше странец за тренер, селектор што не е припадник на ниту еден ракометен клан. Но, дека со тоа клановите ќе ги снема и одеднаш сите ќе гинат за репрезентација... Ќе видиме, можеби Шпанецот има таква харизма, да ја обедини Србија. А, ако тоа му успее, рековме, тие имаат тим за медал...

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk