Хрватска доби ЕХФ ЕУРО, Португалија старо-нов претседател...

Австрија и Италија неодамна се откажаа од организацијата на ЕХФ Еуро У 20. Од финансиски причини поврзани со корона, односно неможноста да предвидат дали би се играло со публика или не. 
Извршната Комисија на ЕХФ, ги разгледа новите понуди и реши организацијата на најсилното натпреварување до 20 години да и го додели на Хрватска. Така момците од Генерацијата 2000, што лани ги гледавме на мундијалот во Македонија, по европска круна ќе играат на теренот на Хрватите кои за волја на вистината во Скопје не се прославија. 
Противкандидати на Хрватска беа Израел и одново Италија. 
ЕХФ не се произнесе што ќе биде со Австрија, државата што ја откажа организацијата, заедно со Италија. Вообичаено тоа значи и елиминација и суспензија, но се сомневаме дека така ќе биде и во овој случај. 



Во женскиот шампионат на Франција, по принципот колку пари толку музика, во клубот Бург де Пеж следната сезона треба да се слуша поинаква песна.
Тие ја предомислија од пензија Бразилката Александра до Насименто, ја имаат во своите редови легендарната шпанска ракометарка Марта Манге, ја додадоа данската репрезентативка Фие Волер, а сега се пофалија дека потпишале со уште една многу добро позната француска ракометарка - несудената вардарка Клодин Менди. 
Да потсетиме, Менди потпиша меѓу првите ракометарки за ЖРК Вардар, но трансферот не се реализираше затоа што таа објави дека е бремена и не се ни појави во Скопје. Место тоа играше за Париз, Нимс, а од 2016 до сега беше во Унгарија во екипата на Фехервар. 

Амерканскиот воздухопловен капетан Дру Данлин и следната сезона ќе го носи дресот на шпанскиот клуб Адемар Леон. „Капетан Америка“ е 202 сантиметри висок пивот што лани слета во Адемар и како дел од американската програма за развој на ракометот, ќе си остане уште една сезона во Шпанија. 

Подемот на португалскиот ракомет на клупско и особено на репрезентативно ниво му донесе чиста победа од 37:6 гласови, на старо-новиот претедател на федерацијата Мигуел Ларањеиро. Тој, впрочем беше и единствениот кандидат за претседател на онлајн гласањето што се изврши вчера. 
 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk