СЕХА ќе се игра, мораме да научиме да живееме покрај Корона

Корона вирус уште еднаш не потсети дека не бира ни по раса, ни по националност, ни по име. Допирливи се сите, а Новак Ѓоковиќ стана најпознатиот спортист кој стана домаќин на Ковид 19. Војната со подмолниот вирус ни оддалеку не е завршена, а нема брзо ни да заврши. 



Задар е деновиве во центарот на вниманието, бидејќи беше домаќин на тениски турнир што заврши неславно, откако еден од најпознатите светски тенисери и спортисти воедно, Новак Ѓоковиќ, се зарази со Ковид 19, подмолниот вирус од семејството корона што неколку месеци ги тероризира луѓето низ целата планета. 

Задар е градот домаќин на Фајнал Фор на СЕХА Гаспром, турнир со кој по нешто повеќе од два месеца треба да се заокружи прекинатата сезона и практично да не воведе во новата сезона на СЕХА Гаспром. Одговори на прашањата кои се јавија по тенискиот турнир побравме од централата на СЕХА Гаспром во Загреб. Разговаравме со еден од највилјателните и најзаслужните за подемот и развојот на ова натпреварување. Директорот на лигата, Синиша Остојиќ, за g-sport.mk зборуваше за последиците од Ковид и плановите на СЕХА за следната сезона. 
 
- Дали тоа што се случи на тенискиот турнир во Задар би можело да се рефлектира на одржувањето на „Ф4 на СЕХА“ ?

„Не би требало. Задар засега останува да биде град домаќин на СЕХА Ф4 и нашите желби и планови се на почетокот на септември да се одигра Ф4 и потоа да продолжи сезоната“, вели Остојиќ. 
„Медиумски се крена голема прашина по тенискиот турнир, но во суштина, ако ги погледнеме бројките, тие не се големи. Хрватска е веднаш зад Словенија во регионов, во поглед на тоа како се справува со вирусот. Но, Корона е реалност. Нема да го снема вирусот. Ние мораме да научиме да живееме и функционираме со него, тоа е неизбежно. Во спротивно, ефектот ќе биде погубен во многу други сфери од живеењето. Овој вирус се уште има многу повеќе непознаници отколку што се знае за него. Ако можам така да се изразам, сите ние имавме три месеци време да се 'договориме' како ќе функционираме понатаму. Мораме да живееме и работиме, паралелно со корона. Мораме да размислуваме во таа насока. Во моментов, не гледам проблем да се одржи турнирот, но јасно, ќе ги следиме сите мерки и препораки и ќе се обидеме максимално да се заштитме“. 

- Дали корона има некакво влијание во моментов врз натамошниот дел на СЕХА Гаспром? Во поглед на учесниците, дали Кинезите одново ќе бидат дел, дали има некои други промени?

„Активно комуницираме со клубовите и федерациите и засега се е нормално. Имаме поставено планови, тоа е задолжително ако сакаме нормално да функционираме. Сите клубови што играа минатата, се расположени за учество и во новата сезона. Пекинг потврди дека ќе игра. Задоволен од деби сезоната, ние сме задоволни од нивното учество, бројките на гледноста на лигата со нив се фантастични, а како завршуваше сезоната и играа се подобро. Тоа е еден чекор напред. Но, за се треба време.
Ако погледнеме каков продукт имавме пред седум години и каков сега, разликите се очигледни. Но, одиме постепено, од сезона во сезона да се подобруваме. Грешки имало и ќе има, кој работи - тој и греши, но се трудиме да научиме и да ги поправаме. 
Ново е што Спартак Москва се ребрендираше, сега се вика ЦСКА Москва, но другото останува исто. Ќе настапуваат, со изменет и засилен состав и следната сезона.
За другото, ќе видиме како ќе се развива натаму ситуацијата и која држава какви препораки ќе има. 
Има заинтересираност и од други екипи за приклучување, веројатно имате прочитано дека Динамо Букурешт е кандидат, но да не навлегуваме сега во тоа. Засега е се во ред, а секогаш е подобро кога има поголема заинтересираност, отколку да ја нема. 

- Дали термините остануваат исти, дали ќе се игра со публика или без?

„Нашите планови се сезоната да почне во планираниот теремин. Чекаме, се координираме и спред термините на Лигата на шампионите. Не е едноставно да се постави меѓународен календар во ваква ситуацијата.
Нема да правиме нешто на своја рака, ќе ги следиме и почитуваме сите препораки што ќе бидат актуелни во моментот. 
СЕХА ќе се игра, мораме да научиме да живееме со корона, а ако дојде момент да треба да се откажува, одложува или да не се игра, тоа значи дека нема да се играат ниту Лигата на шампионите, ниту националните првенства“. 

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk