Селекторот на машката репрезентација на Португалија, Пауло Переира е на насловните страни на португалските медиуми, најави медал на следното СП, во Египет 2021

„Се чувствуваме како фудбалери“, можеше деновиве да се прочита низ португалските медиуми. „Не има насекаде, изјави, фотографии, интервјуа“, велеа нивните ракометари.
Денеска се одново на насловните. Селекторот Пауло Переира најави битка медал на СП Египет 2021. Иако, во овој момент е со еднакви шанси да ја доживее судбината на нашиот Александар Јовиќ кој предвидуваше медал на Јуниорското ЕП со Талески и Кузмановски, отколку да освои медал, изјавата на Переира не е без основа. Португалија и Данска се единствените што во последните три дуели имаат две победи над Франција. А тоа е за симнување капа.
Португалија се издигна брзо во ракометниот свет и тоа не е само затоа што фудбалските Спортинг, Порто и Бенфика решија да одвојат поголеми буџети за ракометните секции. Неколкупати разговаравме на темата со Карлос Мартинго, селекторот на кадетите на Португалија кои во Скопје, Македонија, на мундијалот одржан лани, дојдоа како резерва, а играа полуфинале. Исто како и нивните две години постари колеги на двапати како кадети и јуниори.
„Многу повозрасни играчи заминаа во странство и ослободија место за младите. Тие почнуваат од помали клубови, а потоа се приклучуваат кон најсилните тимови“, објаснуваше Мартинго.
Португалија од тие репрезентации го има Андре Гомеш од Порто. Со 22 години е прогласен за најдобар млад играч во ЛШ. Порто лани на една сезона го позајми во Целје и Диого Силва, најдобар десен бек на споменатите јуниорски првенства. Сега го враќа назад. Пикерот Луиш Фраде веќе потпиша за Барса и Спортинг сака да го наплати 150,000 евра.
Но, тоа е површината. Под неа има уште многу.
Ако минатото лето во „Борис Трајковски“ гледавте барем еден меч на Португалија, не може да не сте го забележале Салвадор Салвадор (фото), нивниот највисок играч (198 см), игра(ше) лев бек. И до него беа Андре Соуса и Жоел Риберио.
Годинава Салвадор Салвадор се враќа во Спортинг по успешна позајмица во Боа Хора (150 гола, 27 натпревари). До него одново ќе биде Жоел Риберио. Централниот бек Андре Соуса и лани беше во составот на Порто.
Кога сме кај Порто, тие годинава од позајмица од екипата на Маја го враќаат пивотот Тиаго Соуса кој исто така играше на СП Македонија.
Од оваа генерација ќе ги издвоиме и уште четири играчи, што беа во ротацијата. Освен голманот Магалаеш , тука се левиот бек Даниел Невес, како и Мораиш и Талмазан.
И тоа не е се. Нивниот најдобар играч, според нас најдобриот до 18 години воопшто, Мартим Кошта, играч што иако шутира со десна рака игра и лев и централен и десен бек, се уште е во Гаја. Тој до прекинот на првенството се тркаше со двојно повозрасни играчи за титула најдобар стрелец и МВП во првенството на Португалија. До моментот на прекинот имаше постигнато 213 гола со 60% реализација, на 26 натпревари. До оваа сезона тренер во клубот беше неговиот татко, Рикардо Кошта, но тој направи трансфер, по што очекуваме (голем) трансфер и на овој суперталент.
Да споменеме дека овие генерации лесно ги победуваа и Франција (Пранди, Вилмино), во Скопје го збришаа финалистот Германија со 7 гола разлика (водеа и преку 10), Франција со 5, а потоа веќе ги истрошија сите сили и загубија во полуфиналето од Египет и потоа од Данска.
Па дали е реална изјавата на Переира дека очекува медал на СП? Можеби не во Египет, но кога по три-четири години ќе се спојат овие две помлади генерации на Португалија, односно кога ќе имаат по 25 години... Да ги гледаме на подиум, би требало да биде сосема нормална слика.