Mартинс во Вардар, дали е (не)возможна мисија?

Португалските медиуми го контактираа Порто и добија повратна информација за нивните планови со централниот бек Мигуел Маринс



Вардар почна да заздравува на играчки план, посебно откако неколку битни играчи решија да ја продолжа соработката со клубот. 
Добрите и долгоочекувани вести брзо се раширија, не само низ Македонија, но веднаш со нив стигна и бран медиумски шпекулации што ја менуваат сликата. Без разлика што Вардар за само неколку дена стана многу поотворен и полесен за комуникација со медиумите отколку во последните пет-шест години, стигнаа премногу непроверени или преуранети информации, околу играчкиот кадар. 

Една од нив се однесува на португалскиот централен бек Мигуел Мартинс Соареш, 22 годишниот бек на Порто. Информацијата од Вардар беше дека навистина се заинтересирани за него, но дека сето тоа е далеку од договор, па и дека насловите низ медиумите попрво ќе наштетат во преговорите или евентуалната реализација на трансферот, отколку што ќе направат некое добро. 

Но, јавноста е гладна за вести, особено за добри вести, па многумина од долгата колона на вардарови фанови, веќе го видоа Мигуел Мартинс како ја носи црвено-црната „десетка“ што на закачалката ја остави Даинис Криштопанс. 

Но, како што и клубот кажа во прв момент, желбата не неспорна, реализацијата е се уште далечна. 

А вчера стана уште подалечна откако португалскиот весник „Рекорд“ реши да се распраша и во Порто. Од таму доби јасен одговор. Мигуел Мартинс е дел од долгорочните планови на Порто и не е за продажба. 
Играчот што Вардар сака да го доведе пред само два месеца, во февруари, потпиша нов договор со Порто и се обврза таму да остане до 2023 година. 

Мигуел Мартинс е главниот плејмејкер на Порто и постигна 43 гола во ЛШ до нејзиниот прекин, 20 гола повеќе од колегата со кој ја дели минутажата Силва Соуса Мартинс. Третиот централен бек, Андре Соуса (18), еден од најдобрите играчи на Португалија од Јуниорското СП во Македонија, си ја чека шансата. Од клупата. 

Порто годинава го врати од калење во Целје, десниот бек Диого Силва (21), а во своите редови го има и Андре Гомеш (21). Ова се двајцата клучни играчи од нивната јуниорска репрезентација што пред две години во Словенија на Јуниорското ЕП беа четврти лесно преслушувајќи на пример Франција која ги имаше Пранди, Вилмино, Дурт, Кемп... Сега има комплетна суперталентирана бековска линија Гомез-Мартинс-Диого, а зад нив е Соуса (18). 
Веруваме дека е само прашање на време кога ќе го доведат и според нас убедливо најдобриот млад португалски ракометар. Тоа е Мартим Кошта а тој има само 17 години и игра за екипата на Гаја. Тоа е деснорак бек што игра и како десен бек и како лев и плејмејкер.  

Оттука веруваме дека мисијата на Вардар е невозможна. Но, ако можеше Диого Силва лани да оди на позајмица во Целје, зошто не и некој да дојде во Вардар и да игра една сезона во ЛШ? 
Дека тоа ќе биде Мигуел Мартинс е малку потешко да веруваме, но со враќањето на Диого Силва, ќе имаат три десни бека. 
За еден од нив Кубанецот Ернандез подолго време слушаме дека е опција. Левиот бек Беласкез исто така од Куба, е вториот кој би можел да дојде на позајмица. 




На крајот постои и трета опција. Ја знаете поговорката. Ако нешто не може да е направи со пари, може да се направи со многу пари. 

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk