КОМЕНТАР: Ќе имаме Супер лига со 16 клуба, добро или лошо?

Пишува: Ричи Ѓамовски, главен уредник на g-sport.mk

УО на РФМ неодамна донесе одлука Супер лигата да се прошири на 14+2 клуба и без оглед што сите клубови гласаа за тој предлог, секојдневно слушаме поплаки главно насочени кон тоа дека квалитетот ќе се разводнел и се евоцираат спомени од времињата кога имавме лига со осум клуба и дека тогаш сме имале најквалитетно првенство. 

Па да видиме дали е тоа така... 
Во времето кога имавме лига со осум клуба, тие во Европа можеа да минат едно до две кола, а во ЛШ во група со четири, беа четврти или понекогаш трети. Барем два клуба Европа ја доживуваа како туристичко патување со две гостувања. Најголем успех беше полуфинале на КПК, порази од 10-20 гола - вообичаена работа.  Репрезентацијата 10 години не ни играше на СП или ЕП.
Ако резултатите се мерило за квалитет, лигата со осум клуба, не била тоа што ја зборуваат.
Но, беше интересна и изедначена. Со полни трибини, тоа е факт. 




Како новинар кој 22 години пишува ракомет, ги паметам и лигата со 8, 10 клуба, со плеј оф и ги паметам не само добрите, туку и нивните лоши страни. И причините поради кои се менуваа. 
Лигата со осум клуба се покажа како нефункционална. Откако мина краткиот период на изедначеност, овој систем ги покажа своите „фалинки“. И беше сменет, а се почнуваше од осмиот клуб.
Последниот многу брзо, по неколку кола веќе знаеше дека е отпишан и креваше раце од спонзорирање (трошење пари), па почнуваа играње со млади, одење на гостување со 8-9 играчи, играње место дома - на гости итн. Кратко потоа и седмиот клуб знаеше дека ќе заврши на седмо место и тие креваа раце од трошење пари и се чуваа за бараж. И еден по еден, лигата се сведуваше на два клуба што дома никој не можеше да ги победи, а кој киксне некаде како Прилеп или во Богданци - губи титула.
Во исто време во Прва лига се појавуваа по два клуба што жестоко се бореа за влез и на крајот имавме лига во која последните двајца се послаби и далеку понеамбициозни од тие што сакаат да влезат. 

И така се измисли Лига со 10 клуба и плеј оф, па и таа се менуваше. Потоа плеј оф стана тензичен, па и тој модел отпадна. Во меѓувреме разликата меѓу врвот и дното се зголемуваше па се јави потреба од повеќе силни натпревари. И се појави СЕХА. Дојде Лино Червар, се врати Веселин Вујовиќ и имавме драматични првенства со се и сешто во нив. Штета е што во тој период Пелистер отиде во друг правец, а нешто пред него и Младост Богданци се распадна. Но, се до доаѓањето на милионите на Самсоненко, односно титулите во ЛШ, тоа беше најквалитетниот период од домашното првенство.
Ако мораме да бираме, лигата со 10 клуба е можеби најдобро решение досега. А таква ќе имаме од сезоната 2021-22. 
 
Да сумираме, бројот на клубови не игра толку голема улога во квалитетот на првенството колку што се мисли и зборува. Играат парите. Кога имаа клубовите пари, доаѓаа квалитетни тренери, имавме квалитет  и за Европа, без оглед на бројот на клубови. 

Со 14+2 ќе имаме меѓу 250 и 300 играчи во Супер лига. Од нив странци ќе бидат околу 30 или околу 10%-15% . Ќе ги видиме и „младите“ и старите и кој колку вреди. И тоа само во есенскиот дел, потоа секој ќе си го најде своето место.  И пак ќе имаме лига со осум клуба и Б лига со осум клуба. И нема да има позајмици и двојни регистрации. 
И тие што постојано викаат дека прават играчи, ама се обесправени - ќе ги видиме што направиле. 

Македонија за триесетина години има испробано многу системи, но на крајот секогаш имаме ист епилог, а тоа е слаба продукција на квалитетни играчи, евтини и не толку евтини странци, клубови што ќе блеснат и веднаш се гасат, спонзори што сакаат премногу за прекратко време, центри што се загубиле во времето... 

Системот дали е со осум, десет или 14+2 генерално, нема да смени ништо, ни на добро ни на лошо.

Можеби е време да почне да се размислува поинаку. 

Следниов предлог, често е разговаран низ новинарски кругови, во ракометни кругови и да бидам искрен, доживуван е како нешто СФ, нешто неизводливо... за наши услови. Еве за што се работи:

Лига со осум клуба, барем во прв период, рековме дека тоа не игра којзнае каква улога. Тие осум клуба треба да ја направат лигата „бренд“ доволно добар за да се продадат ТВ права и да се емитуваат на Спорт Клуб или кај големите љубители на македонскиот ракомет - Арена Спорт.  Не ја потценуваме МРТВ или некоја друга национална ТВ, веројатно од таму и би почнало. 

Првиот проблем за таа лига е што треба да понуди продукт што ќе биде народски кажано гледлив и потоа да го продаде тој продукт. 
Често кај нас се споменува „враќање на центри“ како Велес, Радовиш, Прилеп, Куманово... Но, тоа се флоскули. Не може Велес да се врати и да стане повторно ракометен центар. Барем не со онаква сала, во која, без намера некого да навредиме, не знаеме во која година последен пат е кречено или се реновирани трибини и тоалети. И за други важи истото.

Не веруваме ниту дека зелено-кафеавиот паркет во Радовиш или ишараните терени со линии за кошарка низ други сали ќе привлечат ни ТВ куќи, ни гледачи ниту пак спонзори. Или сали со проблемот нема греење или ладење или осветлување, типичен за Македонија. 

Лига со осум клуба, во која ќе се влегува со покана, ќе се испаѓа доколку не се исполнат условите. А условите треба да бидат најмалку како во СЕХА. Подлога за ракомет, семафор, лед реклами, соблекувални, осветлување, позиции за ТВ камери итн. 
Така ракометот можеби нема да стане поквалитетен, но гарантирано ќе биде поубав за гледање. 

Нека повелат политичари, градските татковци итн, ако сакаат клуб во Супер лига, нека си ја средат прво салата во својот град/општина и нека обезбедат услови за игра. 
Во Македонија има неколку сали што веќе исполнуваат такви услови, во некои помалку во некои повеќе ќе треба да се вложат пари и работа и за да заличат на место каде што би сакале со семејството да поминете неколку часа и да гледате ракомет. 

Осум клуба со банкарска гаранција дека ќе играат до крај. Сите мораат да имаат и логистика. Бадијала се, ако клубовите не се добро организирани внатрешно. Клубови што треба да исполнат услови што во некои земји е смешно и да се бараат, а тоа се клубот да има веб страна, лице одговорно за комуникација со институции и со медиуми, да организира прес конференции или обезбедува фотографии и изјави пред и по натпревар. Одговорни лица што ќе водат статистика во живо, покрај ТВ преносот или лајв стримот на интернет. На тој начин клубот преку медиумите да го доближат до гледачите и да се „оправдаат“ кај евентуалните спонзори. 

Лига во која нема судиите да се виновни за секој пораз, во која нема да смеат да се „лепат“ по социјални мрежи и медиуми соопштенија и изјави со навреди кон никого, лига во која нема на смее клубот да им остане должен на играчите... накратко правила што важат во Лигата на шампиони, па и адаптирани и надоградени. 

Ако погледнте повнимателно, поголемиот дел од условите веќе ги имаме. Иако, генерално, како цел проект можеби навистина сето ова е во жанрот СФ. Можеби тоа не е за нас, не може да се направи овде, нема пари за такво нешто итн.  Настрана што тоа би бил само првиот чекор, без гаранција дека ќе успее на ова наше тло.  

Но, ништо не треба да се плати за барем да се размислува во ваков правец, нели? Можеби од тоа ќе изникне некоја друга, подобра идеја... 


 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk