Марјан Колев: Не сум оптимист дека брзо ќе се вратиме

На луѓето ширум светот почна да им здодева карантинот. Бизнисите веќе не можат да чекаат и по цена на здравјето на „мравките“ сакаат брзо, ако може уште вчера да се вратат погон. 
Спортот како глобален бизнис, посебно фудбалот, иако само еден натпревар беше директен виновник за распламтувањето на вирусот во Италија, откако малку од малку се воведе ред, почна секојдневно  да врши жесток притисок со лицитирање на денот кога повторно ќе се игра фудбал. 





И ќе се игра, корона - не корона, топката ќе се тркала, а последиците ќе видиме, ќе се плаќаат на рати или одложено на седум или 14 дена, со сите камати. 

Ракометот е еден од последните на списокот што ќе се вратат. Спорт со толку контакти и прескромни буџети нема потреба да брза. Како стојат работите прогнозите дека во септември ќе може да се игра, треба сериозно да се преиспитаат. Посебно, за играње со публика и уште попосебно за играње на меѓународни натпревари. 
Разговаравме со Марјан Колев, во моментов највисоко рангиран македонски тренер во женски ракомет, а и севкупно во машки заедно со Алушовски кој доби премија да води европски шампион. 

Колев сосема успешно ја води екипата на Ница од Франција, земја од која што зависи и целиот европски ракомет. Таму професионализмот е на високо ниво и нема да има никакви отстапки. А ако ја нема Франција - нема европска сезона. 

„Гледајќи ја целата ситуација, искрено, не сум оптимист дека набрзо ќе се игра ракомет“, вели Колев за  g-sport.mk.  „Овде важи технички сомаж, клубовите се под закрила на државата, но не смее да се тренира додека се под сомаж. Скришни организирани индивидуални или групни тренинзи (хипотетички) и слично се казнено дело, а особено можат да настрадаат одговорните. Ако се докаже дека некој клуб принудил на кој било начин некој да се изложи на опасност заради тренинг... одговорниот ќе сноси тешки последици.

Какви се прогнозите и препораките во Франција?
„Според последните информации би требало да се почне кон крајот на август. Претходно, пред да почнат било какви подготовки играчите мораат да минат задолжителни тестови. Не само корна, туку и тестови за срце, затоа што не се е уште познати последиците како корона влијае на кардиоваскуларен систем. Поради долга пауза, задолжително е,  мора да се почне со лесни тренинзи и етапно да се засилува ритамот. Значи, предподготовките од најмалку еден месец според докторските препораки, што мора да се следат. 
Но, ќе мора да се направат и корона тестови пред секој натпревар, да се воведе цела инфраструктуира за детектирање на вирус, а спепак, на крајот, сето тоа ќе е многу чувствително. 

Ризикот, секогаш ќе постои...
„Што ќе се случи, хипотетички, ако некој играч на почеток на сезона се зарази? Сите ќе мораат 14 дена во карантин. Па дури и да не мораат сите, во случај да се негативни, пак тоа ќе влијае на резултатот. 
А како ќе биде регулирано патувањето со авиони, менување аеродроми, одење од една во друга, трета држава? Ако само малку се распламти меѓу играчите и екипите вирусот, ќе биде многу тешко да се запази регуларноста и да се комплетира првенството? , вели македонскиот тренер. „Но еден ефикасен лек, може да промени многу работи“. 

Ако малку (реално) песимистички ги погледнеме работите, одигрувањето на следната ракометна сезона е сериозно доведена во прашање доколку ситуацијата во европски рамки не биде ставена целосно под контрола.  Домашните првенства, секое за себе би можеле да функционираат, но меѓународните? 
Особено затоа што ЕХФ/ИХФ досега само одложуваа натпревари, но не навлегле во детали, како ќе изгледа следен европски натпревар. 


 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk