ЕХФ ја заврши сезоната и сега на „сите“ им е крив

А кое е за вас фер и идеалното решение во оваа ситуација? праша претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер. Реторички, но одговори на многу прашања. 



ЕХФ ја згасна сезоната. Ги прекина сите натпреварувања, прогласи победници врз основ на досега одиграното или воопшо не прогласи таму каде што не мораше. Но, ги остави своите два најскапоцени продукти. „Ф4“ турнирите. И колку и да звучи парадоксално или неспортски или како и да сакате кажето го, ЕХФ е во право.
Ако ги згаснеше и нив, никој ништо немаше да може да каже.
Ама слатка е парата. И тоа е нивниот грев. Но, не се безгрешни ниту тие што деновиве фрлаат камења. 

Не е спортски, посебно не кога првиот потпреседател на ИК, Цроногорецот Предраг Бокшковиќ успева да издејствува (ако има услов) Будуќност да добие шанса да игра 1/4 финале во рамки на „Ф4“ турнир.
Кај мажите членот на ИК од Црна Гора немаше интерес, па останаа само победниците од групите. 

Не е фер што осум месеци по завршувањето на сезоната ќе се добие „нов“ европски првак. 

Не е фер што се елиминирани репрезентации за пласман на СП, без бараж. требало да се најде место, термин, за нив. 

Не е фер што е елиминиран европскиот шампион Вардар. Во септември ќе почне нова сезона, како ќе се делат местата за ЛШ? Нели е едно за европскиот шампион? 

Не е фер што се елиминирани ниту Сегед, Келце, Порто, Флензбург, ниту Динамо Букурешт кој еве нема загубено меч... 

А кое е за вас фер и идеалното решение во оваа ситуација, праша претседателот на ЕХФ; Михаел Видерер

Сите од ЕХФ бараа пари, со години. Сите. И годинава ЕХФ договори спонзорски договор тежок 539 милиони евра за 10 години. И тие пари, посебно и во ваква ситуација никој не ги дава бадијала. Сакаат продукт што ќе се продава на ТВ. 
И сега сите морализираат. Требало вака, требало онака. Уште фали да кажат дека парите не се важни, па да гасиме светла. 
Сите се во право, во зависност од кој агол гледате. Прашајте ги Французите? Имаат три клуба на „Ф4“ и две репрезентации на ЕП и СП. Се бунат ли тие?
Се бунеше ли некој од денешниве продавачи на морал кога поради ерупцијата на вулканот на Исланд, квалификациите за младинското ЕП што требаше да се играат на островот беа откажани? И следеше најлегендарниот преседан -  Исланд се пласираше затоа што „секако би победиле“? Македонија беше со нив во група и извисивме. 

Се лутат тие што губат. И имаат право. Но не е за бадијала измислено „кој губи има право да се лути“. Прашањето е дали тие што сега морализираат би се бунеле или би молчеле ако нивните тимови се на „Ф4“ или СП? 

ЕХФ донесе одлука што не ни се допаѓа. Ги згасна сите натпреварувања, освен своите топ продукти што им носат приход. 

Испадна Вардар, испаднаа и македонските репрезентации. Не е убаво, европски првак детронизиран без борба... Но од друга страна, пак, со крената глава, непоразен... а и тоа може ќе биде нешто. 

Реално, од наш агол не изгубивме ништо. Колку и да го идеализираме и славиме тригодишното славно минато на Вардар во ЛШ, сезонава шансите да го мине ПИК Сегед, а потоа и Веспрем за да стигне до „Ф4“, со предност на противникот на гостински терен беа нереални... 
Се случија две чуда. Првото во 2017 со Штербик, Столе, Циндриќ, Душебаев, второто во 2019 со Карачиќ, Скубе, Криштопанс, Милосављев... дека ќе имаше и трето со Пелко, Гопришин, Гедбан и натаму со Дибиров и Чупиќ како бекови... не веруваме. 

Женската репрезентација на Македонија? Загубивме на гости со Шведска и дома со Чешка. Дека се случи нешто револуционерно во нашиот тим па да очекувавме победи во Чешка или Шведска, па и две со Португалија, не се случи. 

Машкиот тим требаше со Франција да игра за пласман на СП? Колку од вас би се обложиле дека ќе ја елиминиравме Франција? 

Машкиот тим, можеби мина најдобро. Имаме морално право да бараме валјд кард. Да видиме само „овие“ што сега морализираат, дали ќе го прават истото доколку им се укаже шанса да не „превеслаат“ и да одат на СП со специјална покана. 





 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk