Пешевски: Избегнувам контакти, тренирам во природа

Пишува: Ричи Ѓамовски

Живот со рестрикции, ризици, менување на животни навики и исчекување кризата да заврши. Европа го преживува нападот на коронавирусот и бара начин како да се прилагоди на новиот начин на живеење.
Спортските колективи се меѓу првите што ги поклопи бранот и ги запре сите активности и ќе бидат веројатно последните што ќе се вратат на сцената.

За нив, настаните се развиваа многу брзо и неповолно. Започнаа со лимитирање на бројот на гледачи, за да за само неколку дена ситуацијата да ескалира до моментот кога не се знае ниту дали ќе продолжи сезоната. Во три држави шампионатите предвреме завршија, другите почнаа да прават алтернативни планови во случај во април ситуацијата да не биде променета. 

Македонија нема голем број на ракометни интернационалци. Но, главнината на македонската репрезентација е вон границите на Македонија. 

Сите се снаоѓаат на свој начин, а наш соговорник е пикерот на националниот тим Жарко Пешевски, ракометар што професионално игра во Германија, во екипата на Штутгарт. 

Пешевски, коронавирусот го парализираше светот, како се снаоѓате во Штутгарт?
„Распуштени сме, но водиме своеволен карантин. Малку несериозно, но секој се грижи сам за себе. Кога велам несериозно, мислам на тоа дека имам впечаток дека само во спортските екипи низ Германија сериозно ја сфативме ситуацијата со вирусот и тоа како да се заштитиме. Се друго, до денеска си функционираше најнормално. 

Има ли најави дека Германија ќе воведе поригорозни мерки?
Има најави дека ќе се затвораат границите, како и дека ќе се прогласи вонредна состојба, но и по 7.000 заболени, засега ништо. 
Ќе видиме како ќе биде утре. 



Бундес лигата ќе мирува уште долго, има ли некакви најави за првенството?
Вчера имаше состанок во Бундес лигата, се барале решенија за сезоната. Но, немаше суштински ништо ново, остана истото што го знаевме и од пред два-три дена. 

Што правиш во слободното време, сега, во ситуација кога нема тренинзи, нема натпревари, во моментов не можеш ниту да дојдеш во Македонија?
Се обидувам да избегнам секаков ризик. Не знам кога би доаѓал во Македонија, засега, не може да се планира. До 23 март тимот ќе биде без тренинг, до 23 април ќе бидеме без натпревари.
Времето го трошам во самостален тренинг, по сопствен режим, во природа. Уживам и по малку на сонцево. Избегнувам контакти, места со повеќе луѓе, но сепак, во еден момент мораш да отидеш во маркет. Другото се сведува на гледање на серии, филмови..
Се надевам дека сето ова ќе заврши брзо и сите ќе сме здрави и живи. 
Што не сме преживеале, па и ова ќе го преживееме. Само треба да сме паметни и да се грижиме едни за други.
Голем поздрав, чувајте се во Македонија

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk