Проблеми на повидок, како ќе се доиграат првенствата?

Првнествата неочекувано добија таков тек, што сме на прагот да гледаме финиш на сезона каква што досега немало. 
Опасноста од ширење на корона вирусот не само што не е ставена под контрола низ цела Европа, туку според пишувањата на медиумите во некои земји како Франција и Шпанија што имаат нагло зголемен број на нови случаи на заразени, дневно, допрва се очекува да го достигне пикот. 

Сите спортови, вклучително и ракометот и кај нас се ставени во мирување и чекаат разврска. Некои земји како Норвешка и Швајцарија решија да ги завршат сезоните и да прогласат шампиони. Не би се чуделе, ако сето ова продолжи и други да го следат нивниот потег.
Кај нас тоа не може да биде случај затоа што првенството (Плеј оф) не е ни почнато, а од регуларниот дел останува да се доигра уште едно коло. 

РФМ се подготвува за разни сценарија. Забраната кај нас условно ќе трае до 27 март, но за тоа време екипите не смеат ниту да тренираат, па за враќање на терен ќе им биде потребна барем уште една недела, а тоа значи дека и во најдоброто сценарио, до средината на првата недела од април тешко дека ќе има ракомет. 

Ако забраната биде симната, а првенството продолжи по 27 март, не би требало да се почувствуваат поголеми последици, затоа што изводливо е да се збие календарот и првенството да заврши во предвидениот рок, пред почетокот на јуни за да се овозможи и репрезентацијата да биде на собир пред дуелите со Франција. 

Но, во моментов нема гаранции дека по 27 март ќе биде симната забраната. Сето ова зависи од развојот на ситуацијата и степенот на ризик по тој датум. А тоа може да се одрази и на текот на нашиот шампионат. 

Не сме изолиран случај, Германија на пример беше поригорозна и место две прогласи пет недели пауза, па до 23 април кај нив нема да се игра. Грото држави се со забрана слична како и Македонија, го чекаат крајот на месецов.
Од регионов, Србија, Косово (чека инструкции од ЕХФ) и Бугарија (прекинати се младинските категории) ги немаат запрено натпреварувањата во сениорска конкуренција и засега кај нив стои дека може да се игра без публика. 

Ако се продолжи условно кажано карантинот, тогаш можеби ќе треба да се разгледуваат и поинакви модели за завршување на сезоната или пак ќе гледаме шампионат со многу згуснат распоред. Тука треба да ги имаме предвид и настапите на Вардар во СЕХА и Лигата на шампионите, натпреварувања што засега немаат прецизирано датуми за одигрување на одложените натпревари. 

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk