Ги разгаливме младите играчи, не ја ценат шансата што играат на големи натпреварувања

Пишува: Ричи Ѓамовски

Македонската репрезентација направи два чекора назад на последните две големи натпреварувања. Првиот на Мундијалот во Германија, вториот на ЕП Австрија. На двете натпреварувања, не го минавме првиот круг. 
Една од причините што ја детектиравме е немање на адекватна замена за еден од нашите најдобри средни бекови, Филип Миркуловски. 
Беспоштедниот борец, играчот што ги поврзуваше нападот и одбраната и што ги мотивираше и водеше соиграчите во сите битки ја игра својата последна сезона. Следната ќе биде со двојна улога, малку играч-малку тренер, а потоа продолжува како тренер. 

Ексклузивно за g-sport, Миркуловски зборува за иднината на нашиот репрезентативен и клупски ракомет, но и за неговите приватни и професионални планови. 

Миркуловски, како ги замислуваш следниве две години?
Потпишав договор со кој следната година ќе бидам асистент тренер и играч. Ќе бидам на терен, но нема да имам голема минутажа, тука ќе бидам колку да помогнам кога ќе треба. Годината потоа, ќе бидам само асистент. 

Дали тренерската кариера ќе ја продолжиш во Германија или има шанса да те видиме и во Македонија?
Планирам да останам овде. Поради семејството, посебно постарата ќерка, одлично се вклопува овде и поради неа и останавме овде. Знам дека тренерската работа е потешка отколку да се биде играч. Ќе се обидам, ако се пронајдам во таа професија добро, ако не, ништо...



Во моментов си во репрезентативна пензија. Како ги преживуваше натпреварите на Македонија на ЕП, дали ти се појави желба да станеш од пред ТВ и да слеташ во Виена?
Тешко е пред ТВ. Потешко отколку на терен, не можеш да помогнеш. Се нервирав, се разочарав. Искрено, во некои моменти навистина посакав да станам и да отидам во Виена. Нервозно беше, тензично да се гледаат натпреварите на ТВ. Дел од мене сакаше повторно да го облечам дресот и да играм за Македонија. Кога комунициравме со селекторот јас бев убеден дека можеме да ја минеме групата и без мене и тоа беше една од причините што не се вратив.  

Ти веќе претходно донесе одлука да ја завршиш репрезентативната кариера. Кои беа причините?
Македонската репрезентација имавше две шанси да направи нешто навистина големо, во 2012 во Србија и во 2018 во Хрватска. Во Хрватска игравме одлично во првата фаза. Потоа се повреди Лазаров, па дојде оној натпревар со Чешка. Тој меч беше пресуден и за нас како репрезентација и за мојата одлука. Бев разочаран од играта и од пристапот. Се бориме, гинеме и водиме пет разлика 45 минути од мечот и потоа губиме натпревар затоа што некој заспал во одбрана или некој решил да шутне без изградена акција. Или сме или не сме... 
По тој натпревар, веќе ништо не беше исто за мене. Штом ја пропуштивме таа шанса, знаев дека моето време во репрезентацијата е минато.

Каква е улогата на клубот во оваа одлука?
Клубот, нормално, како и секој друг клуб не сака да се трошам во репрезентацијата. По секое ЕП или СП се враќаме испразнети и емотивно и физички. Претепани, со многу ситни повреди што потоа влијаат и во игрите во клубот. И се тоа за 10-15 место?
Може да се поднесе кога има резултат, но ние со години тапкавме во исто место и како што реков пропуштивме шанса во Хрватска да направиме подобар резултат. 



На Македонија и претстои ждрепка за СП на 9 март и ждрепка за ЕП на 23 април. Квалификациите ќе бидат тешки и ризични, особено за СП 2021. Има ли шанса да те видиме во јуни во бараж? 
Не можам да кажам дека е засекогаш затворена зад мене вратата од репрезентацијата. Но, ако има какво и да е решение на мојата позиција, јас не би играл. Моето место веќе го отстапив на помладите.

Помладите сепак не ја користат шансата како што се очекуваше
Мислам дека ги разгаливме помладите играчи. Ние како генерација се тепавме со години низ квалификации со Белгија и Бугарија и оние фрустрирачки порази во баражите... Кога еднаш стигнавме до ЕП и СП, знаевме каде сме дошле и што значи тоа за нас. И така е однесувавме и така игравме. 
Помладите се добија на готово. Светски кадетски, ЕХФ Шампионати, место во репрезентација на сениорките СП и ЕП. И не ги користат тие шанси? Тоа не можам да го сфатам. 



Македонските играчи во Бундес лигата немаат добри минутажи..
Работата е што овде не те чекаат. Купуваат готов производ и сакаат резултати веднаш. Можеби требаше да почнат со клубови со помали амбиции додека да се снајдат

Дали комуницирате со нив, се советувате, се гледате?
Со Аце Јоновски и Филип Лазаров се гледаме почесто. Тие се тука на 1,5 час возење од мене. Другите играчи малку поретко, подалеку се. Но, се слушаме редовно. Разменуваме мислења

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk