Брестовац: Му се закануваа и на мојот син

Пишува: Ричи Ѓамовски

Првите два месеца од 2020 година беа особено бурни на ракометните боишта. Македонија беше дел од првото Европско првенство со 24 репрезентации, потоа следуваше деби настапот на кадетите на Медитеранските игри. Во месеците кога главен спорт е ракометот, целото внимание на јавноста беше насочена кон настапот на црвено-жолитите во Виена. Тие шампионатот го завршија на 15 место од 24 репрезентации, без пласман во главната рунда на натпревари.

Тоа беше повод да слушнеме разни мудрости од сите страни, оценки, анализи, коментари... Откако се стиша бурата, го побаравме селеторот Данило Брестовац, помирно, без стрес, притисок и влијанието од настапите во Виена да поразговараме за тоа што се случи.
За g-sport.mk, ексклузивно и отворено, Брестовац проговори за искуството од ЕП, но и за идните планови на кормилото на репрезентацијата.

Брестовац, кога сега би почнало ЕП, дали нешто би менувал?
„Ги гледав, анализирав натпреварите од првенството, не еднаш, туку многу пати. Клучен натпревар ни беше со Чешка, а ние на таа средба имавме 14 промашени шутеви од изработени акции и чисти позиции. Сакам да потенцирам дека тоа се акции што пројдоа, што беа одиграни до реализација, но не беа реализирани. Промашивме премногу. Сега прашање е дали требаше како тренер да се обидувам со други акции?
Ако подвлечеме црта, ако ние дадевме пет гола од тие 14 промашени зицери, немаше денеска да седиме и да го правиме овој муабет.

Одбраната?
Па, нас единствено не измести десниот бек Кашпарек кој во второто полувреме погоди неколку шута од „аут“. Ако ја префрлев одбраната сосема да го исфрлам него, тогаш сигурно Здрахала и Бабак ќе ни проаѓаа низ зоната. Ние имавме само девет примени гола во прво полувреме, најмалку од сите дуели што со Чешка ги имаме играно досега...



Генерално за целото СП, одбраната ни се измеша со повредата на Велко Маркоски. Но, анализиравме, се спремавме и најголемиот страв не се оствари. Сега имаме зона која може да игра заедно со години. Едно од најчесто поставувание прашања е зошто не играше Мишевски повеќе во одбрана? Па треба да знаете колку може на 6-0. Сепак, тоа е играч што го формираме, плус имаше повреда на зглобот и не се знаеше ниту дали ќе стигне на време да заздрави. А во оваа репрезентација мораме да бидеме хируршки прецизни со секој потег. Еве и сега е проблем со него, не игра во клубот.

Дали нешто би променил? Не знам, можеби требаше повеќе да гоубедувам Жути (н.з Филип Миркуловски) за да игра. Ни требаше барем за 15 минути. Ние немаме веќе играчи како Жути или Мојсо, што ќе влезат и за пет минути ќе направат разлика. Комунициравме, но, веќе имаше донесено одлука и тоа е тоа...

Нашите очекувања излегоа дека се малку поголеми од можностите. Најголем проблем е што играчите не играат во своите клубови. И јас не можам да ги следам и да видам до каде се затоа што немаат минутажи. Имавме акција со „Б“ репрезентација со јасна намера да видиме кој од тие играчи колку може да пружи. Одиграа четири натпревари, покажаа што можеа, на крајот никој од нив немаше примедба на списокот. Врз основ на тоа што одиграа таму, беа или не беа повикани во репрезентацијата. 

Слушнав и коментари од типот дека не требало да го повикам Кузмановски затоа што не играл во Магдебург. Мислам дека тоа е глупости.

 
На крајот на првенството беше видлива и нервоза, потенциравте дека не успеала хемијата меѓу играчите, тоа значи дека треба да чекаме рез во репрезентација?

„Проблем настана во односот меѓу постарите и помладите играчи. Го немаше, односно не беше нешто изразено се до последниот натпревар. Можеби лебдеше во воздухот, но генерално и на тренинзите и на натпреварите се беше во ред, па немаше повод да се реагира. И, одеднаш на последниот меч изби на површина нервоза и нетрпеливост.  

Прочитав низ многу медиуми дека Стоилов ми се „дерел“ за време на натпревар. Јас би сакал навистина некој да ми го покаже тој момент на снимка. Со Стоилов имаме одличен однос, далеку сме од таков момент.
 


Во јавноста не беа добро прифатени резултатите на репрезентацијата. Посебно на социјалните мрежи. Како се справувате лично и дома во рамки на семејството со оваа ситуација?

„Многу е тешко и комплицирано. Што се однесува до мене, иако никој не може да биде докрај, ајде да кажеме дека треба(ло) да сум подготвен со тоа што сум се нафатил да бидам селектор.
Ние сме спортско семејство, поинаку ги доживуваме и поразите и победите. Моите деца се малолетни, воспитани, одлични ученици, како нив да им ги објаснам сите оние уличарски коментари? Да не опишувам какви се коментари и закани не добивав.
Но, закани почна да добива и мојот малолетен син. Моравме и ние да се заканиме и со полиција, сериозно размислуваме и да пријавиме затоа што во еден момент се почувствуваме загрозени.



После ЕП следуваше и кадетски ракомет и настапот на Медитернаските игри. Тоа беше разочарувачки настап?
„Имам контра парашање. Ова беа 17 Медитерански игри за кадети. Каде бевме ние на претходните 16? Јас навистина преземам и ризик и обврска, но се борам за да направиме нешто, а излегува дека си ставам трн во здрава нога. И со сениорите и со кадетите.

Можев и јас, како претходни селектори, да кажам дека не ми требаат контролни натпревари. Наместо тоа ние си вадевме душа и пред ЕП во Србија, Романија и Словенија. Можев и за кадетите да кажам не ни требаат Медитерански игри и до следните натпревари, до април ќе си бевме мирни - капата на страна.

Но, иако знаев дека не сме 100 % спремни, сепак, отидовме во Атина. Тоа се 9 натпревари за 5 дена... Кажете ми кога овие деца одиграле таков ритам? Сите мислиме дека сме подобри од тоа што го одигравме, но на што е базирано тоа мислење?

Кажете ми дали со своите клубови биле на турнир во свои категории надвор од Македонија?
Со потценување зборуваме за одредени репрезентации, а не гледаме за нас. Со кого се споредуваме, со кого сме играле освен во кадетска и младинска лига за да знаеме дали сме добри или лоши?

Ова за нив беше нешто сосема ново, нов тип на турнир, нов систем. Не сум задоволен, можевме повеќе, но не треба само да напаѓаме, туку да ја разгледаме целата ситуација и да видиме каде треба да поправаме за да одиме напред.

Слушам и читам постојано коментари околу изборот на играчи.Тоа е процес, мораме да имаме база околу 25 играчи од кои ќе повикуваме играчи. Никому не му е гарантирано место и никој не е избришан.


Да изброиме колку меѓународни натпревари имале овие генерации минатата година, колку во 2018, во 2015, а колку претходно... Има периоди во кои ние не сме ни имале вакви репрезентации. Еве и Србија која го имаше Стефан Додиќ од Металург, Матеа Додиќ од Металопластика и Александар Цениќ од Барса не освои медал на Медитерански игри.

Што им треба на младите генерации? Имате ли визија?

Можам да кажам дека со поддршка од РФМ тргнуваме на вистинскиот пат. Формирани се селекции од пионери до Б репрезентација. Добиваме ЕХФ Шампионати, имавме СП, се трудиме. Но, не може тоа веднаш. Не можат да се прескокнат чекори.
Постојано слушам дека не може еден селектор да е на сите репрезентации, но не е така. Селектори на младите категории се Никола Матлиески, Кристијан Грчевски, Раде Стојановиќ. Тоа се тренери во Супер лига. И тоа тренери на екипи од Супер лига што играат во плеј оф! Не сум само јас селектор. Тука се и уште и Благоја Весиќ, Кире Атанасовски, Александар Царчев... Се координираме, анализираме, тоа е еден добар тренерски тим.

Важно е да се приклучат и клубовите. РФМ има добар турнир што е на пат да прерасне во традиционален и да привлекува многу попознати и поквалитетни репрезентации овде. Меѓународен турнир има и Илинден, КЛ7 организираше еден со четири екипи, а и понекој и од нашите клубови ќе отиде до Србија.
Сакаме појасна слика за силата на нашите млади играчи? Треба повеќе клубови да одат на младински турнири и тоа во држави каде што вистински се игра ракомет. Сега со ваучерите, ќе можат да си дозволат. Не е мерило играњето во домашно првенство во младинска и кадетска лига каде натпреварите завршуваат со 15 гола разлика.  

Јуниорите во април ќе одат во Белгија, кадетите во Бугојно, имаме турнир во Македонија што наскоро ќе добие уште поголема тежина и каде ќе доаѓаат многу попознати екипи. Ќе имаме покана и од Франција за учество на еден од најсилните турнири...

Сениорите во април ќе играат со Словачка во Скопје. Што очекувате?
Со нив ќе играме два контролни натпревари, тие се домаќини на следното ЕП. Ќе има измени во составот во однос на оној што играше на ЕП. Го продолжуваме започнатиот процес, а ова ќе биде убава шанса да испробаме поинакви варијанти и други играчи.

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk