Начевски и Николов: Ако не беа чекори - отидоа кариерите, ако не досудевме - отидоа кариерите

Европското првенство е готово за архива, а ракометните наслови веќе се заменети со Коби Брајант, Ливерпул, сега залет земаат и Јувентус, Интер... Стручната ФБ фела во Македонија веќе наголемо коментира Премиер, Калчо итн. 
Ова е убаво време за тие што, пак, следат ракомет да посветат малку повеќе време на работи што во хаосот на ЕП не беше возможно да им посветат. И сега не беше лесно да се најде во ист момент слободно време на Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. 
Македонската судиска двојка во моментов е и формално најдобрата судиска двојка во светот. Го добија и долгоочекуваното финале на големо натпреварување. Сега пред нив има уште два вакви предизвика, Финале на СП и на ОИ. 
                                                                 

                                                  

Неминовно, првото прашање, овој пат за Славе Николов е коментарот на последната ситуација во финалето...

„Само што се наместив на моја позиција, набрзина ги прегледав позициите на играчите јас што треба да ги контролирам... некако натпреварот одеше кон продолженија. Се спремав психички за тоа. И тогаш слушам свиреж... Знаете ние толку добро се познаваме што веќе знам кога Ѓоко нешто ќе свирне дали го прави тоа со наредба, самодоверба...овде како да почувствував доза на воздржаност, да не кажам каење...
- Што се случи, што досуди? 
Тишина, неколку секунди нема одговор од Ѓоко...
- Што досуди бе?!
- Судев чекори...
- Абе се судат ли вака чекори во 59 минута???
- Смири се, чекори беа, изброив најмалку шест“...

Потоа Душебаев дава гол, Шпанија станува првак, а мене не ме држи место. Без душа некако одиме кон записник да ја видиме ситуацијата.  

Ни приоѓа Дувњак и ни вели: 
„Момци секоја чест за судењето. Сами сме виновни, не се добива финале со два играча“. 
Приоѓа делегатот (Оје Тогстад) и тој вознемирен, малку испаничен:
„Вакво судење во финале немам видено..

Веднаш вадиме телефоните да ја прегледаме ситуацијата. Сега имаме таква можност. Знаеш, не е никако сеедно. Ако не беа чекори ни отидоа кариерите. Ако беа чекори, а не досудевме - ни отидоа кариерите. 
Гледаме Карачиќ, прави сериозно многу чекори... Големо олеснување.

Не стигнавме ни да се соземеме ниту да се одмориме, вели Ѓорѓи Начевски. „Стотици пораки, со честитки и пофалби. Гудмундсон,  на пример, селекторот на Исланд, се потсети дека во 2012 ни рекол дека ќе бидеме најдобрите судии...



Имавме можност за прв пат да ѕирнеме во пораките на телефонот на Начевски
„Стоечки аплауз, вакво судење немам видено, секоја чест, го спасивте финалето.. ова се дел од пораките што на бројот на Начевски ги имаат испратено нивните колеги судии...
„Долго време го чекавме финалето. Бевме под посебна лупа. Михаел Видерер внимателно го анализирал целото финале, дискутиравме само за една ситуација. Честиташе, честиташе и Хауслајтнер, генералниот секретар, нашиот спорт има одличен продукт, ни рече за финалето, “вели Начевски.

Од повеќе причини бевме  посебно под лупа. Ја знаат нашата блискост и конекции со Хрватска, СЕХА итн. и тоа беше уште еден голем притисок. Плус првиот човек на судиска на ИХФ е од Шпанија. Знаете кога ќе се спомене име Начевски уште поголема е тежината. Не се сомневам воопшто дека на трибините и околу имало многу луѓе што ќе не закопаа ако не бевме врвни на финалето. 
Затоа и ако за некој натпревар сме се спремале 100 %, за финалево, посебно затоа то беа Хрватска и Шпанија се спремавме 300 %. 

И ПОТОА СЕ ПОЈАВУВА ЛИНО
И на сето ова се појавува Лино Червар и ви наоѓа 10 грешки во финалето...

„Не знаеме дали да го сфатиме сериозно или не. Мислам дека Лино е единствениот на светот што мисли дека Хрватска е оштетена во финалето“, вели Николов.

Имавме можност повторно да ѕирнеме во телефонот на Начевски и да видиме десетина пораки од познати хрватски ракометни личности како се оградуваат од изјавата на Червар и даваат многу позитивна оценка за судењето во финалето. 

„Не би го коментирал, сериозно. Лино ја нема таа човечка карактеристика што ги прави луѓето големи, а тоа е да биде голем и во пораз. Нему секогаш некој друг му е крив. А и ние во Македонија добро си го знаеме. Си подготвува терен за квалификации за ОИ. Којзнае можеби пак ќе му судиме таму... А и да не му судиме ние, веќе има спремно алиби спакувано како судиите него константно го крадат“, вели Начевски.,.


СЕКОЈА ЧЕСТ ЗА ДУВЊАК
Со кои играчи и тренери најтешко се разбиравте на терен, а со кои најлесно?

„Мандиќ од Хрватска во финалето беше блиску да ме извади од такт.. Други не знам, клупата на Хрватска нешто дофрлаше“, вели Начевски.
„Генерално со сите пројдовме добро. Дури и оние играчи што се познати како кавгаџии и што секогаш реагираат немавме проблем. Македа е еден од тие што секогаш гестикуилира, Бомбач знае да префрли, Љубомир Врањеш реагира и тоа до сама граница. Но, точно знае кога да престане и да се повлече. Освен Мандиќ и клупата на Хрватска во еден момент, немавме на ова ЕП никаков проблем, вели Николов. 

- Со кој играч, пак, ви беше најлесно...

“Дувањак! Без размислување како од пушка одговорија двајцата. „Дуле е шампион човек. Вистински професионалец. Мирен, одмерен цела спротивност од тоа што го гледате на терен. Милина е да се работи со такви играчи“. 


ЧЕСТИТКИ ОД ИСЛАНД ДО МОСКВА, НО...
Видовме, односно прочитавме како ракометниот свет од Исланд до Москва реагираше на судењето на ЕП, посебно во финалето. 
Стотици СМС, тапкање по рамо колку што може рамето да поднесе, пофалби, лична сатисфакција... Но, самите рековте, ако не беа чекори - отидоа кариерите. Ако беа, а не ги досудевте - отидоа кариерите... Цел живот работа во една сфера, може да се сведе на една одлука, во дел од секунда. 
Дали во Македонија постои некаков систем на вреднување на вакви постигнувања и следствено и награди и тоа не од типот тапкање по рамо. 

За момент тишина, тапи погледи....

„Нема. Од државата не добиваме ништо, па дури ни пофалби за лична сатисфакција. Да не зборуваме за конкретни награди за остварувања...Не сакаме да се споредуваме, но еве, во 2018 Хрвати го судеа финалето добија ордени од претседателот за промоција на спортот и следните пет месеци не можеа да се приберат дома од постојани приеми, гостување, промоции...

Наскоро ги очекуваме и номинациите за судиите на Квалификациските турнири за ОИ. Потоа следуваат номинациите за ОИ, потоа СП.. ќе слушаме уште за Начевски и Николовм, во тоа сме сосема сигурни

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk