Начевски: Го извадив Славе од памет

Спуштена е завесата на најгломазното и едно од најинтересните Европски првенства досега. Шпанија си замина дома со злато, но и натаму никој нема да ги препознае на Ла Рамбла нивните ракометари, Хрватска со сребро околу вратот и кисели насмевки слави пред повеќе од десетина илјади фанови на плоштадот и се обидува со сите алхемиски формули среброто да го претстави како злато. Но, не бива. Лино Червар, пак,  повторно ги живее своите пет минути и споделува приказни од скопските тоалети до семејните вредности во Хрватска, па љубов, верба, уште и мир во светот да посакаше, па да биде конкуренција на Мис Универзум. 

Шега на страна, излезе дека не бил „подгрејана јуха“ колку тоа и да не му е мило на широкиот анти-Лино фронт посебно во Македонија. Без него 10 години не видоа финале, со него, од втор обид ете ги одново во битка за злато. Но, тоа си е веќе приказна за Хрватите, не за нас. 

                                                          


Македонија, односно нашите ракометни фанови се поистоветија со Хрватска, кога веќе нашите ракометари не успеаја да ја минат ни првата препрека. Но, Македонија имаше преставници во финалето и тоа на многу чувствителна позиција. Судии. Дежурни виновници, омилено алиби на сите, посебно на тие што губат. А, кога во финале во 59 минута ќе досудиш чекори уште пред да почне нападот... е за тоа треба храброст, или „кохонес“, што бил рекол наш (белградски) колега. 

Како тоа изгледаше од агол на Ѓорѓи Начевски, ексклузивно ви пренесува g-sport.mk. 

„Убаво ја следев ситуацијата, го видов Карачиќ како цупка, веќе имаше направено четири чекори, потоа продолжи исто, не се колебав. Знам што видов, не можеше да се превиди. 
Но, Славе (другиот судија Славе Николов), од таа страна не можеше да го види убаво Карачиќ и чекорите. Мислам дека го извадив од памет. Знаете, финале на ЕП, 59 минута, одлука што решава победник...
- Што направи?! Што досуди?! - ми довикна...
„Му реков, смири се, чекори беа, сигурно... 

По натпреварот едвај дочекав да ја видам ситуацијата. Среќа што убаво се гледа се на снимката. Бевме посебно мотивирани и спремни за овој натпревар. Но, генерално и играчите од двата тима беа коректни, немаше многу проблеми. Добро, имаше во финишот обид од Мандиќ да не испровоцира, од Вори, но бевме фокусирани“, вели Ѓорѓи Начевски. 


Кога во финале во 59 минута ќе досудиш чекори уште пред да почне нападот...а потоа ти честитаат и победници и победени и познати и непознати, тогаш знаеш дека си ја завршил работата како што треба. 

„Не сакам да бидам нескромен, но мислам дека одлична работа завршивме. Не само во финалето, не само на овој турнир. И на претходното ЕП судевме без грешка. Не паднавме ни со морал, ни со желба, иако не ни беше ни сеедно. Бевме трпеливи, одлучни, работевме напорно. Конечно, го добивме натпреварот што го сакавме цело време. 
Сатисфакција ни е што добиваме честитки од сите. Посебна сатисфакција ни е што добиваме честитки од многу луѓе, ракомени работници поранешни ракометари и тренери од Хрватска. Никој не ни пререкол ништо, особено не за финалето. Напротив, честитаат. Наши колеги судии, делегати и други луѓе што многу добро разбираат ракомет исто така... 


Деновиве повторно ќе се разговараме со Начевски и со Николов, нека слегнат импресиите и нека се оладат од жешкиот викенд. 
По ова финале на ЕП, летвичката е поставена на нова висина. Следно е ОИ, па СП... се надеваме дека ќе ги видиме во финале и таму и таму. Би било убаво, за целиот ракомет. 


Преземање на авторски текстови без дозвола од редакцијата е обична кражба
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk