Стативата ја спаси Шпанија, Португалија ќе игра за Токио

Хрватска и Шпанија одиграа нерешено (22-22) на натпреварот што одлучи кој ќе биде прв во групата. Тоа ќе биде Шпанија. Тие имаат вкупна подобра гол разлика од Хрватска со која има ист број на бодови. 

Првиот дел заврши со минимално водство на Шпанија, но на стартот на второто полувреме Шпанците направија серија, поведоа со пет, шест гола разлика (21-16), пред Хрватска да се врати на терен.

Носена од Игор Карачиќ (10 гола 12 обида) и одбраната која одеднаш се претвори во ѕид, Хрватска израмни (21-21), оставајќи ја Шпанија без гол 10 минути. 

Но, тогаш се судрија колено со колено Игор Карачиќ и Алекс Душебаев по што Хрватот се пресели на клупата. Одговорноста ја презема Дувњак, затоа што овој меч Червар го играше без помош од Циндриќ.  Дувњак погоди за 22-21, Шпанија израмни, а во вториот обид на Дувњак да шутира за победа, топката заврши во стативата и средбата заврши без победник. 

Португалија ја декласираше селекцијата на Унгарија 34-26 (16-14) и се пласираше на третото место во групата кое носи квалификации за ОИ Токио! Португалија ќе биде трета без оглед на исходот од средбата Шведска - Исланд, затоа што има подобар скор во мини табелата што би се направила и во случај на победа на Шведска и во случај Исланд да победи. 


 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk