Vienna Ciao: Анализи и селектори

Пишува: Ричи Ѓамовски

Заврши прелиминарната рунда, 12 репрезентации си заминаа дома, а меѓу нив се и Данска и Франција, за жал и Македонија, тука се и Русија, Украина, Црна Гора, Србија...

Први распукаа Русите и Украинците, веќе ги сменија селкторите и сега ќе бараат чаре како во следниот циклус да се справуваат со своите проблеми. 
Франција и Данска нема да менуваат, иако тие се најголемите разочарувања, нивниот план барем засега е да одат по зацртаниот пат. Каде ќе ги одведе ќе видиме. 

Само еден пораз запиша Србија кога екс-селекторот Јовица Цветковиќ побара во кандидатурата за селектор задолжително да се бара тест за интелигенција. Го нарече раководството на својата земја криминално, му се приклучија и играчи што не играат за Србија. А се меѓу најдобрите во Европа... 

Сето ова е веќе видено, само што Цветковиќ заборавил на едно златно правило, што многумина не го почитуваат, а тоа е дека тоа што го пишуваш и изјавуваш, посебно кога напаѓаш, кажува многу работи и во спротивна насока, за авторот, можеби и повеќе отколку за тој што е наменето. И тука не зборувам само за реваншизам, одмазда, лични интереси и така натаму. Туку и за тоа каков човек си. 

Нејсе, не ми и ни на крај на памет да го бранам Перуничиќ или напаѓам Цветковиќ, тоа си се нивни проблеми, но балканското огледало е големо и во него не се рефлектира само состојбата во Србија 

Видов и слушнав многу анализи, прочитав  и премногу за мој вкус коментари и статуси што се однесуваат и за македонскиот тим. Видов и на лице место како играме и знам дека ако на пример Маркоски не го промашеше оној шут со Чешка при 17-18, или ако судиите „дувнеа“ две топки за нас на тој меч, или ако имавме некоја одбрана плус во критичните моменти, ништо од ова што денеска го зборуваме немаше да биде важно. Сега ќе бевме во Виена, ќе се расправавме за баналности од типот кој играч да дојде на брифинг и ќе гледавме како во рутата стан-сала-брифинг-стан, некако да ги уфрлиме и Пандорф или Марија Хилферштрасе... 

Но, еве не, под топлото јануарско сонце во Скопје како бараме формула за успех за македонската репрезетација во иднина. Сегашноста е задоволство резервирано за аналитичари, критичари од било која сфера на нашето општество. 
Има што да се анализира и критикува, неспорно, не беше остварена целта, но ако веќе сите мислиме добро за македонскиот тим, барем нека тоа што се зборува биде издржано и поткрепено со факти и аргументи. Да се издвоиме барем по нешто од нивото на нашиот по многу нешта сличен северен сосед. 

Факт од кој што можеме да почнеме е дека во моментов немаме толку силен тим колку што јавноста си мислеше. Мислењето на јавноста во голема мерка го креираат медиумите, па да почнеме од самите себе. Убави се насловите од типот како блескаат и торпедираат нашите играчи во странство, но тоа еве гледаме дека не соодвестува со реалноста. Ќе им ги скратиме на нашите интернационалци во иднина блескавите моменти, се додека вистински не блеснат или почнат да играат и да прават разлика на теренот. Бајки за нивните велелепни партии, секако ќе можете да најдете низ други медиуми.  

Јавноста бара оставка од Данило Брестовац. Јасно, јавноста мисли дека имаме подобар тим од што имаме, ама селекторот е виновен. Јавноста и утре, ако донесеме нов селектор што нема да успее со овој тим (не успеа ни Раул, не ни чинеше седум на шест со Лино и да не се навраќаме назад) да направи резултат ќе вика дека селекторот е виновен, само на листата ќе додаде уште личности за отстрел. Ќе бидат виновни и играчи и судии и раководство Ако некој знае селектор што ќе гарантира успех веднаш нека го каже.

РФМ и Брестовац би требало да знаат подобро. Прво дека важна одлука не се носи под притисок на јавност или каков и да вид на притисок или под емоции. Второ додека не слушнат вистинска анализа, не новинарска или ТВ анализа да не се преземаат драстични потези.
Не велиме дека тв аналитичарите или новинарите или нивните стручни коментатори не знаат што зборуваат. Напротив,  во морето безрезонски, хејтерски, аматерски писанија и статуси, имаше и издржани коментари и забелешки на место. 

Но, за да се повлечат потези што ќе влијаат на македонскиот ракомет во иднина, и ќе го насочат во еден или друг правец, потребно е да се направи вистинска анализа, потребни се повеќе аргументи и податоци отколку можат да се видат на ТВ.
И да се има пристап до повеќе битни информации. Од секогаш еден од клучните фактори во нашиот тим била соблекувалната. Тоа што беше викање, фаќање за дрес, нервозни гестикулации што можеше да се види е само еден дел, а  тој дел воопшто не ни се допаѓа. Треба да се знае што е договарано и како се анализирани противниците, што се работело на тренинзи и подготовителни натпревари, дали се испочитувани тактичките договори. 

Ние пред секој натпревар имавме став од играчите, дека ако испочитуваме тоа што е договорено дека можеме до победа. Деталните анализи за секој натпревар поединечно треба да содржат и што тргнало наопаку, што се преземало во моментот, кој играч си ја завршил својата работа кој не, дали тактиката била правилно поставена и така натаму...

Ова можеби ви звучи како научна фантастика, но еве ви податок што веројатно голем дел не го знаат. Новинарите од Данска и Норвешка уште во 2007 година, на женското СП во Франција, пред почеток на натпревар добиваа лист, информација на која графички и текстуално, нивниот тренерски тим објаснува што ќе играат нивните репрезентации во одбрана. Која ракометарка каде ќе стои и што е нејзината задача. Во ТВ студијата ја имаа истата дури и подетална инфорамација, а како ко-коментатор обично беше ангажирана екс репрезентативка што го знае системот и таа заедно со тв коментаторите на гледачите им ја објаснуваат играта на нивниот тим. 
Денеска, тие го прават истото, само што место лист со информација, дојдоа до ниво со холограми да објаснуваат како се движат нивните играчи. 

Поентата ни е дека само стручен аналитичар што ги има сите податоци може да направи релевантна анализа. Се друго ќе се сведува на тоа дали требало тајм аут во петта или десета, дали требало Столе да влезе во игра во 55 минута, зошто не е викнат овој или оној, зошто Мишевски не почнал, а почнал Талески... а тоа е далеку од анализата што и е потребна на македонската репрезентација, уште помалку врз база на тоа да се темели став за иднината или омиленото, да го менуваме селекторот. 

Правање на ваква анализа кај нас не било принцип на работа, сме имале можност да слушнеме многу селекторски извештаи на УО што содржеле на пример некакви си бројки за тоа колку тренинзи се одработени и слично. Таков изветај, пак, воопшто не треба ни да почне да се пишува или ако е за потребите на сметководството да го составува некој од асистентите. 

Кога ќе се сумираат впечатоците РФМ ќе се најде пред крстопат. Дали да продолжи вака или да направи некои резови во тимот или пак на селекторската позиција. 
Кога се прекршуваат работите вообичаено се плаќа и висока цена. Ене ја Полска за пример, од екипа што играше на ОИ и освојуваше медали, трета година не може да состави тим за ЕП. И други ќе тргнат по нивниот пат, а и ние не сме далеку од тоа. 
Да ја почекаме ждрелката за квалификациите за СП 2021 и ЕП 2022, можеби ќе треба да жртвувавме, ама нема да мора да направиме харакири. Да видиме со кого ќе играме, како е тоа замислено од ЕХФ, а потоа да се направи стратегија за понатаму. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk