Vienna Ciao, нема да ни фалиш (1 дел)

Од Виена за  g-sport.mk - Ричи Ѓамовски

Виена е убав град, убавица. Има се што треба да има од замоци, дворци, балови до Моцарт чоколади,  светски призната култура, меѓу сите тие работи и многу Ју- крв што тече од Балкан штрасе до хх-штрасе. 
Убава е, ама не ја сакам. Ракометно. Некако не ни лежи, уште од времето на оној Хипо со Гунар Прокоп. Се створи аверзија и кон Виена и кон ЕХФ кој си има свој бастион таму. А некако и знаев дека оној нашиот чалам од Доха со читање весници, кога тогаш ќе ни се удри од глава. Еве го вечерва, кармата дојде со ледено сервирана освета. 

ПАВЛОВ ЕФЕКТ
Организациски имавме убава можност да видиме како е на гости кај ЕХФ на нивни терен, дома. Не очекувавме ништо, а добивме и помалку од што очекувавме. 
Велат сите новинари што беа на СП Катар 2015 ќе прават носталгични споредби со сите други првенства. Добро го паметиме цинизмот на дел од западно европско-скандинавски новинари во пустината. Вложија многу труд за да најдат некаква фалинка, па макар „пињада“ станал некој несреќник од Непал што го возел автобусот што па ги превезува прејадените журналисти од бесплатен 5 ѕвезди хотел до сала во каква што ракомет во Европа, нема уште долго...мноогу долго да се игра. 
Секое споменување на СП 2015, предизвикува Павлов ефект. Посебно, кога ќе дојдеш во ракометната централа во Европа... 
Да се вратиме малку назад. Во армијата новинари што Катар ги донесе на своја сметка имаше верувале или не, тројца Бугари. Не знаеја точно што е ракомет, ама нели, кога те викаат, а уште се ти плаќаат цели 20 дена, греота е да одбиеш. 
Арно ама, Бугарите не видоа дека после вториот ден организаторот објави дека ручекот во хотелот е бесплатен. А ручекот беше достоен за приказните од 1001 ноќ. 
Така тројцата Бугари се хранеа со чипсови и донер со до моментот кога се сретнавме на влезот, тие со кеси вакумирано јадење, сите други, генерално, со проблем да земат воздух после ручек. 
Моментот кога дознаа дека пет дена јаделе донер и чипсови при софра достојна за крал.. хм, како да опишам... тие погледи...тој момент кога запира времето... сигурно на лице место би добиле лиценца потпишана лично од Марина Абрамовиќ...со две раце потпишана.

Можам да ги замислам нашите драги колеги од Бугарија овде во Виена. Како влегуваат во прес центарот и одат кон кетеринг собата. Ги гледаат презриво лепчињата со веганска паштета и дробена пиперка наменети за рајата и се упатуваат кон садовите за кетеринг... А таму ги чека, келнер , Австриец што убаво зборува хрватски, затоа што „матер је из Босне, а бабо Нјемац“. 

 - 7 еура ако желите топли оброк. Можете платит доле... 

Мислам дека Марина Абрамовиќ би била восхитена...

Се обидовме да го разоткриеме митот дали некој  балканец им платил  7 евра... 
 
MYTH BUSTED! -  веќе ги гледам како раздрагано викаат Адам и Џејми.

Не се родил мајчин што ќе превесла „наше горе лист“ на таа фора. Посебно кога на 150 метри од салата е клуб СФРЈ, а до него - „Нишки Мерак“. Ресторан што нуди 1 кг скара за 11 евра. Мерак за сите 11 евра. Добро, не е спектакл, ама е подобро од подгреани макарони...ех, се извинувам - „паста“. 

„Нишки мерак“ се прослави. Веднаш стана база на еден ударен ешалон од најпознатата ракометна навивачка група во светот - Македонска Фаланга. 
Додуша овој ешалон е малку поинаков, специјално е трениран и не оди во регуларните фан зони што ги има Фаланга... Ова е ешалон трениран со спартански методи... празен стомак, суво грло и по некоја таблетка за желудник во џеб...за секој случај, за после, никогаш не знаеш кога противнкот ќе нападне. 

Во моментот кога ние влетавме по поразот од Чешка, внатре беше дел од елитниот гарнизон на оваа фаланга...Нешто како „Спецназ“...Ја предводи доктор... замуабетивме... нех, среќа што Данило Брестовац не беше во близина. 

П. С. - Нишки Мерак, а и уште понекоја кафана по наша препорака од денеска станува база на хрватските новинари. Со толку можеме да им вратиме за пријателското тапкање по рамо по нашето се или ништо со Австрија. 

П.С. С. - Хрватските новинари исто како и ние имаа можност да влетаат во Штат Хале базирано на тоа што го виделе на претходните ЕП или СП. Знаете нив Виена им е блиску, па онака, со кола...  Е, ама овде мораат да си платат и 18 евра паркинг пред сала, дневно, иако се акредитирани. 











 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk