КОЛУМНА: Слабите карти на Лино Червар


Младен Милетиќ е новинар на „Вечерњи Лист“ и главен уредник на спортскиот неделник Макс (Max). Во новинарството е од 2002 година, а почна во Спортски новости. Известувал од многу ракометни натпреварувањa, а последниве години пишува колумни за настапите на хрватската репрезентација. 
 

Колку е големо неговото ракометно наследство, ќе видите кога Лино веќе нема да биде во Скопје, се зборовите на поранешниот хрватски селектор Жељко Бабиќ, тогаш во Скопје, во улога на тренер на Брест, кога пред новинарите прсна во плач!
Беше тоа во 2014 година, Червар навистина по помалку од четири години ја напушти Македонија, а јас со неверување од тогаш следам како пропаѓа македонскиот ракомет. 

На таа сцена ме потсети еден настан од минатата година, кога Славко Голужа, како тренер на Татран, после победата над Еурофарм, исто така се расплака сред теренот во преполната сала под Пелистер.
Солза по солза се ронеше во Битола, а не верувам дека беа заради Мастиката, уште еден поранешен хрватски селектор го потврди она што ние од дистанца го посматраме и сфаќаме веќе подолго време-ракометот во Македонија предизвикува посебни емоции, има место на пиедестал и едноставно кажано-општествено е важен. Колкава е разликата со Хрватска можам да доловам со еден детал...

Оној ден кога Хрватска во морбидно празната Арена Загреб ја дочека Германија, во натпревар кој требаше да биде спектакл, македонските портали бомбардираа со веста дека се ожени Филип Кузмановски.
Имав чувство дека и на страниците за временска прогноза ќе биде објавена веста дека славниот ракометар стапнал на лудиот камен. За нашите веќе никој не прашува, ни кога, ниту за кого играат, се додека не дојдат големите натпреварувања.
Европското првенство, кое за Черваровата репрезентација почнува денеска со натпреварот против Црна Гора не е почеток на борбата за враќање на Хрватска во врвот на европскиот ракомет, туку и за тоа да овој спорт повторно дома го добие општественото значење кое некогаш го имаше.

Нема сомнеж, Червар во тој натпревар влегува со преслаби карти. Коментарите на социјалните мрежи речиси се неподелени: ова е можеби најслабата хрватска репрезентацијаво последните дваесетина години! Во прилог на овие тврдења оди и податокот дека своето место на конечниот список го најдоа шестмина играчи на ППД Загреб зад кој е најлошата полусезона, откако е основано натпреварувањето Лига на шампиони!
На списокот се најдоа и Равниќ и Хрстиќ, кои во минатите две ипол сезони не успеаа да не убедат ниту дека се играчи за тој клуб, а камоли за репрезентацијата.
Но, можеби Лино гледа нешто што ние не гледаме, или едноставно, му кажале така да направи, на што упатува неодамнешното интервју за Спортски новости, кога на почетокот на подготовките изјави дека младите играчи мораат да знаат дека ППД Загреб е нашиот носечки клуб идека им препорачува да дојдат тука.
Да им препорача нешто такво ракометниот селектор на играчите, веројатно земјата три дена би се тресела од протести на другите клубови, но и на целата јавност. Но колку е ракометот сега на маргините покажува тоа што спомнатата изјава помина целосно незабележано.
А, во добра мерка покажува зошто дури и на поширокиот список го нема најдобриот хрватски стрелец во Бундеслигата, Шиме Ивиќ, зошто е заобиколен неговиот презимењак Филип, зошто го нема ниту најдобриот хрватски стрелец во СЕХА лигата, Ловро Јотиќ и на крај, зошто меѓу патниците за ЕП не успеа да влезе дури ниту најдобриот хрватски стрелец во Лигата на шампионите, Анте Кудуз.

Покрај толку неприсутни, најмногу надежи се полагаат во Јосип Шарац, како некое откритие. Ниту тој не сакаше да дојде во Загреб, но е премногу квалитетен за да биде изоставен како Јагањац. Во тоа можевме да се увериме, кога практично сам го размонтира Загреб во Арена, во дресот на Цеље. 

Алфа и омега на хрватскиот ракомет, Зоран Гобац најави дека е ова последна Черварова тренерска година, а шефот на Сојузот Томо Граховац, дека ќе го задржи и после Токио, во улога на ментор. Со оглед на немирната нарав на Червар, нема да се зачудиме доколку излезе сосема спротивно.

Одвреме навреме се појавува и приказната дека може повторно да се врати во Македонија. Дали ви е потребен, сами со знаете. Покрај сето уважение на големите работи кои ги направи, секој има свое времетраење...

Морам да пеизнаам дека е фино освежување да се видат на клупата на репрезентацијата и на Вардар двајца млади македонски тренери, Брестовац и Алушовски и веројатно треба длабоко да се закопа во архивите за да се најде кога последен пат на овие две позиции имало домашни стручњаци.
Секако, тоа не значи дека од странците треба да се бега, тие на македонскиот ракомет му донесоа навистина многу, но со време е сепак добро да се потпрете на сопствените сили, да им дадете шанса и значење.
Тоа е голем тест и за играчите од некои причини, таков е нашиот балкански менталитет, повеќе се почитува странскиот авторитет.

Како и да заврши, драго ми е што сега е така, затоа што кога видов дека по Парондо, Вардар го донесе некој си Писонеро, помислив дека првакот на Европа следниот тренер ќе го бара така што некој од челниците на клубот ќе го фати првиот лет за Шпанија, ќе седне во најблискиот тапас бар, ќе го причека келнерот и уште пред да го спушти менито, ќе го препадне со прашањето 

-    Entrenador balonmano?

-    Siiii, claro!

-    Vamos a Skoplje?

-    Skopie, Macedonia? Macedonia del Norte? Vamoooooos!

Сиромашкото момче од возбуда ќе го фрли послужавникот и нема да стигне ниту да му јави на шефот дека дава отказ, а веќе ќе беше во арената Јане Сандански, на претставување пред новинарите.

Не знам дали се лажам, но ми се чини дека најдобриот резултат на македонската репрезентација се уште е под водството на македонски тренер, а истото и овојпат му го посакувам на Данило Брестовац, затоа што шансата постои, бидејќи нашата ждрепка е исчистена од скандинавските репрезентации, Франција и Словенија, кои вас, поради брзината и силата, традиционално „не ви лежат“.
Со Хрватска можете да играте, иако репрезентацијата која се уште го има Дувњак и која никогаш не изгубила од Македонија, сепак е фаворит. Немојте да изневерите, се радувам на средбата во Виена и единствениот натпревар во кој нема да навивам за Македонија. 

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk