АНАЛИЗА: Украина, што треба да знаете за нив

Пишува: Ричи Ѓамовски

Долго време Украина не можеше да стигне до настап на големо натпреварување, на СП има играно само двапати, на ЕП стоеја подобро на почетокот на 2000. Континуитетот запре во 2010 и оттогаш мина цела деценија пред Украина повторно да се најде на ЕП. И тоа благодарение на проширувањето на првенството. 

Цела една деценија Украинците имаа проблеми со федерацијата, со самите себе со незаитересираноста за ракомет во нивната земја. Се уште ја паметиме сцената од пред неколку години кога Мотор гостуваше во Скопје и кога очанијчки се бараше дрес во публика, затоа што немаше резервен на клупата... 

Ракометот можеби не им е интересен на Украинците, но нивната школа од времето на бившата држава е останата. Не еден, туку двајца претставници од таа школа имаат на клупата - Сергеј Бебешко и Никојал Степанец. Делкани со срп и чекан овие двајца со се манирите од тоа време водат тим што може да биде проблем секому, иако скромно велат дека овде се за да дадат се од себе, па што биде. 

Трио одлични голмани имаат во Комок, Кошовој и Деревјанкин. Нивна слабост е што не се константни, па може да се случи цел натпревар да не се видат со топката... а можат и да го скријат голот. 

На позицијата лево крило им играат Захар Денисов и Евгениј Жук. Денисов има предност во тимот затоа што игра подобро во одбрана од Жук, а корисен е и во 5-1 зона. 

За позицијата лев бек, Бебешко треба капа да им симне на Еурофарм што го вратија во живот Владислав Остроушко. И не само што го  спасија од мртвиот клуб Калараш, го направија и нај-стрелец во ЛШ. Сега ќе си имаме мака со него, а Бебешко откако и тој си отиде од Романија, ни крив ни должен си доби спремен бек. И тоа е нивниот најсилен адут. Зад него ќе играат Буњенко, Горига и Жуков. 

Еден од проблемите на Украина е позицијата централен бек. Од конкуренција испадна Јужбабенко, потоа формата ја расипа Кириленко, па Бебешко кој немаше доверба во Александар Тилте сг ќе мора да се потпре на него. И како адут го уфрла 22 годишниот Жалевскиј од ЗТР, кого добро го паметат ракометарите на Бутел. 

Вистинските проблеми на Украина се на позицијата десен бек. Таму поради повреди ги нема Сергеј Онуфриенко и Влад Донцов. Треттата опција е Роман Чичикало, тој е и единствениот десен бек, што во напад ќе одигра што треба, но во одбрана... Буњенко или некој друг од левите бекови ќе игра и на десната страна. 

Козакевич и Акименко се десните крила и тоа се добри играчи, но не се тие-тие што ќе направат разлика. 

На позицијата пивот Украина може да бира. Дефанзивците Дорошчук и Шевелев или Павел Гурковски и Димитро Иљченко. Тука Бебешко има слатки маки. 

Што е најголемата предност на Украина? Сите ги сметаат за аутсајдери, ќе ги потценат и некој веројатно ќе се изгори. Украина има сосема доволно акумулирано искуство, иако 10 години не играат на ЕП. Тоа е највисоката репрезентација на ЕП. Од 28 на поширок список 10 играчи се високи најмалку 2.00 м. Вкупно 16 се над 195 см. или вкупно 20 од 28 играчи се повисоки од 190 см. 

Украина игра бавен ракомет, рековме, ракомет од времето на Бебешко, но што мислите дека ќе се игра во одбрана составена од горостаси од 2 метра и над 100 кг? Или што ќе се случи кога кога ќе дојде ред на дуел со помлади играчи од противничкиот тим?


Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk