АНАЛИЗА: Чешка, што треба да знаете за нив

Пишува: Ричи Ѓамовски

Македонија и Чешка имаат историја на меѓусебни дуели, вкупно 14 официјални, со тоа што Чешка е за една победа подобра во меѓусебните дуели (6-3-5). Од историја останува запишано дека највисокиот пораз на Македонија е од Чешка (1998 во Болцано, Италија - 18-38). Тоа е и средба на која сме примиле најмногу голови на ЕП, а и сме постигнале најмалку.  

Но, имаме запишано и слатки победи, па така останува наша сатисфакција што во 2012 ги исфрливме од ЕП, и таа средба е нашата највисока победа на еп (27-21). Потоа во 2016 ги елиминиравме во бараж за СП, а и потоа бевме подобри од нив во квалификациите за ЕП Хрватска, тогаш за малку ќе им вратевме за поразот од 18 гола, во Скопје ги совладавме со 13 гола разлика. Ни вратија во Вараждин, со минимална победа, на меч на кој игравме без Кирил Лазаров. 

Промените се времињата, порано стравуваме од Филип Јиха и Павел Хорак, а се „молевме“ да играат Бабак и Бечвар. Сега Јиха веќе не е активен, би сакале што повеќе да е во игра бавнио Хорак, а стравуваме од Бабак и Бечвар. И од Здрахала. 

Чешка е една од ретките екипи во која одлично функционира системот на двајца селектори. Јан Филип и Даниел Кубеш, со тоа што вториот забележително повеќе е ангажиран за организирање на одбраната. Задоволни од тоа што го работат нивните селектори, Чесите непосредно пред почетокот на ЕП им ги продолжија договорите на Филип и Кубеш и тие ќе останат селектори најмалку до 2022. 

На ова ЕП имаат само еден повреден играч, пикерот Леош Петровски од германскиот Бергишер откажа настап поради проблем со карлична коска. Тоа за македонските напаѓачи се 202 см и 130 кг помалку проблеми. 

Очекувавме, се надевавме дека Мартин Галија, голманот што некако традиционално има добри партии против Македонија ќе си остане на зборот и нема да настапува за репрезентацијата, но не разочара и еве го со полни 40 години повторно на голот. Томас Мрква е вториот голман, а и тој е одличен чувар. 

Најголемиот проблем за нас, покрај Галија и Петровски, традиционално е Андреј Здрахала, централниот бек. Тој годинава имаше долга пауза, воопшто не е по вкус на неговиот тренер во Висла (Хавиер Сабате), па и кога се рехабилитираше не беше во тимот. Но, на Висла и се повредија седум играчи и Сабате сакал - не сакал го врати во игра и тој се врати во форма. Сега е најдобриот стрелец на Чешка (на пријателските натпревари). Здрахала некако беше премногу брз за нашите Маркоски и Јоновски, особено кога на лев бек игра некој од другите центри (Бабак/Бечвар). 

Слаба алка во нивниот тим е позицијата десен бек. Станислав Кашпарек (202 см) кој (не) игра во Пик Сегед покрај Хорхе Македа и Лука Степанчиќ е првиот избор, а убаво би било на дуелот со Македонија што повеќе да го гледаме во игра Деидун Мубанзем. 

Томас Чип и Јакуб Хрстка, десно и лево крило, се двајца ракометари што ги паметиме од СЕХА Гаспром, од игрите во дресот на Татран Прешов. Имале и тие добри моменти, не се за потеценување. 

Освен Андреј Здрахала, никој посебно не се прослави на дуелот со Австрија. Кашпарек главно на клупа, Бабак пред Бечвар, а замената е Здрахала - Хорак. Пикерите им се слаба страна, а на дуелот со Австрија голманите едвај им се составија со топката, особено во првиот дел. 

Имаат  поддршка од трибините, група од најмалку 500 навивачи на Чешка е во Виена. Бучни се, но помалку се од Фаланга.




Резимирано Чешка е можеби најтешкиот противник на Македонија на ова ЕП. Повторно, како и во 2012 би требало меѓу нас и нив да се води битката за главна рунда. Очекуваме Австрија да биде поттурната кон втора фаза, затоа го велиме ова.

Добро е што во првото коло се среќаваат Австрија и Чешка, па ќе знаеме кон кого ќе треба да ги насочиме сите сили. 


Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk