Бидете здрави и среќни и читајте ракомет на G-SPORT.MK и во 2020

Календарската 2019 ги отчукува своите последни часови, се пакува, подредува во датотеки и се подготвува вечерва да замине во историја и да и ги отвори вратите на 2020. 
Ракометната 2019 имаше што да понуди и добро и лошо, да затвори отворени поглавја, а отвoри нови што допрва ќе се испишуваат. 

Вардар е ракометната приказна на годината. Клуб што март доби зелено светло да се „расформира“, слободно за играчите да си одат, плати што доцнат и внатре екипа, тим што реши да стане шампион. Се сплоти, постави нови стандарди за тоа што е давање максимум на терен, играње еден за сите и три месеци подоцна, чудото се случи.
Колку пати сме имале можност да го видиме ова? Многу. Но, во американски филмови. Сега и ние и цела Европа го виде во живо. 

Чудата, сепак, имаат незгодна карактеристика да траат кратко, „Три дена“ вели народот, а и вардаровата бајка го нема оној, си живееја среќно и весело до крајот на животот, крај.. Дојде есента и Вардар одново почна да ги бие старите битки. Овој пат е поинаку, но освои доволно кредити за и во 2020 да се бори да стане првиот што ја одбранил титулата. Му посакуваме во 2020 да го направи и тој резултат. 

Од клупски план се појави Е. Работник, донесе свежина, одигра во рамки на можности во ЛШ и засега во СЕХА па потоа се спои со Пелистер и сега имаме го имаме Еурофарм Пелистер кој во 2020 ќе се бори да ја врати славата на стариот зелено-бел тим, сега и со сина нијанса. Тоа е битолската приказна на годината. Одново го имаме Пелистер на сцена, му посакуваме успешна 2020. 

Го имаме и Металург кој и две години по заминувањето на Лино Червар е тимот што најмногу од сите се обидува да создаде македонски играчи. И за себе и за репрезентацијата. Ги има младите играчи во својот ростер, сега со Кастратовиќ на кормилото ќе се обидува да ја најде алхемиската формула да произведе „суво злато“, како што еден нивни поранешен тренер ги оценуваше своите играчи. 

Покрај костурот на домашниот ракомет во кој се Охрид, Пролет, Радовиш, Струга...Го имаме како нов играч во Лигата Бутел Скопје, го имаме како сосема нов играч на сцената и КЛ7, клуб што се посветил во овој момент на производство на македонски играчи. Тие делат иста цел со Аеродром, Јуниор Кисела Вода...треба да споменеме дека Струмица, Прилеп и Куманово прават напори да избегаат од трњето и да се вратат на поубавиот пат. 

Машката репрезентација е таа што, сепак, ги спојува сите ракометни фанови од Македонија со иста цел. Го одигравме германскиот мундијал, не бевме задоволни од резултатот, но тоа беше и крај на една и почеток на нова ера. Сега почнуваме одново. Со македонски селектор, со многу поинаква атмосфера во екипата, со федерација каква што можат да си посакаат клубовите и играчите не само за 2020 туку и за многу многу подолго. 

Ја видовме и кадетската репрезентација, бевме домаќини на СП. Се направи база од млади играчи од која ќе треба да се пополни сениорскиот тим. Процесот е почнат, посакуваме да трае долго. 

Женскиот ракомет има најдолг список со желби со Дедо Мраз. Не е само кај нас во пад, тоа е светски тренд, но да веруваме и да му посакаме во 2020 да излезе од маѓепсаниот круг и да им се приклучи државите што играат на главната сцена. 

g-sport.mk ќе биде со вас и во 2020 година. Минатата ја оценуваме како сосема успешна, посебно во создавањето на база на читатели што се вистински ракометни љубители и познавачи. Се надеваме дека сте задоволни од изборот на текстови и вести што ги подготвивме за вас. 
Ќе продолжиме така и следната година, ќе се трудиме да има што повеќе навремени и проверени информации и да ве заштитиме колку што се може од медиумското „жолтило“. Ви благодариме за довербата и тоа што бевте со нас. 

Ви посакуваме добро здравје, многу среќа и се најубаво во 2020 и продолжете да читате ракомет на g-sport.mk

Ваш
g-sport.mk






 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk