Се нудат многу тренери, нема да биде Писонеро

Давид Писонеро си замина од Македонија и веќе нема да го гледаме како „асистира“ на клупата на Вардар, а тешко дека и е Е. Работник ќе му ја пружи диригентската палка. Не дека не станало збор за него, но веројатно откако прифати да остане и од прв тренер, молчаливо да му асистира на Кокшаров, си го сруши и така неизградениот углед, доволно за битолчани да кажат дека не е за прв тренер во нивниот тим. 
До такви информации, официјално непотврдени стигнавме по мало чепкање низ состојбата во Битола. Нов тренер ќе има, но кога ќе биде официјализирано неговото име тешко е да се претпостави. Кандидати има многу. 

Е. Работник или Е. Пелистер треба да биде стабилен клуб со најмалку 1 милион евра буџет. Во европски рамки тоа не се многу пари и со тој буџет резултатски би требало да биде тука некаде, каде што е сега. Амбиции поголеми можеби ќе има, но тоа е дел од друга приказна. Клучните зборови во сегашнава, сепак, се стабилен клуб и милион евра. 

Ова е сосема доволно за улогата на прв тренер на тимот да стане примамлива за многу тренери-стручњаци, тренери-авантуристи, тренери-ентузијасти, тренери-тезгароши итн.
Во ситуација кога на Балканот можат на прсти на една рака да се избројат клубови со буџет од 1 милион евра, а стручњаци балкански има колона долга километри, помалку и парадоксално изгледаат понудите, односно побарувањата. 

Балканските стручњаци се најскапите. Податок на кој можеби нема да му поверувате е дека се поскапи и од голем дел странски тренери од типот тренер од Шпанија, Скандинавија итн.. И тоа процентуално и до 50%. 
Почитуваме дека си ја ценат работата, но ако погледнеме низ тренерските резимеа популарно наречени си-ви ја, нешто дека ќе се изнагледаме резултати и стратешки одработени циклуси... нема. 

Приказната повеќе изгледа како намера да се наплати што можно повеќе, на сметка на тоа колку ќе трае. Мошне веројатно е да дојде до судир на амбициите и буџетот, па потоа место резултати ќе слушаме изговори, обвинувања и напади.
За волја на вистината, каква што е лесно запаллива ракометна Битола, тешко дека некој тренер ќе може со циклуси да работи. 

Најинтересно за ракометната јавност, сепак, се имињата. Веќе го отпишавме Давид Писонеро, а по заминувањето на Алушовски тешко дека повторно ќе видиме Македонец на клупата. Мојсов доби шанса, но по три натпревари и тој се пожали: Играчите го разочарале со односот. И тоа е дел од друга приказна.

Хрвати веројатно има најмногу на број. Славко Голужа, Ненад Кљаиќ, Давор Доминиковиќ се три од познатите имиња што се на списокот на потенцијални тренери на Е. Работник Не го заборавме ниту Лино Червар за кого не веруваме дека ќе влезе во ваква авантура, ниту пак Ивица Обрван кој се уште има сметки со Шамбери. Јасно ниту Жељко Бабиќ не треба да биде симнат од списокот, иако не знаеме колку време би нашол меѓу семеството и религијата за одново да се фати сериозно со работа со ракомет. 
Словенецот Бранко Тамше веројатно станува се поблизок до детективот „Мамли“ и се појавува на секое споменување на зборот тренер, не само кај нас. Можеби го заборвивте Борис Дениќ, еден од најдобрите словенечки тренер. Ние не го заборавме... 

Ќе откриеме податок дека Металург кој има подобро реноме, но не и финансиска ситуација од Работник, кога бираше тренер, бираше меѓу 18 кандидати! 

Битолчани веројатно имаат најмалку 20 што похрабро испратиле абер дека се слободни на располагање, а уште толку што подискретно гледаат кон ова тренерско столче. 

На ред е клубот да одлучи, пресече, назначи. Можеби побитно од тоа кој ќе биде тренер е какви насоки ќе добие новиот тренер, дали клубот ќе реши да се организира и стане клуб на сите нивоа и ќе биде трка по резултати и тие ќе бидат репер за се... Долг е патот...



 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk