Вардар без шанса, Веспрем протатна низ Скопје



Вардар претрпе уште еден убедлив пораз. На домашен терен, македонскиот и европски првак беше совладан од Веспрем со 38-29. 
Без Криштопанс во составот, со Чупиќ или Горбок на десен бек, Вардар немаше шанса против тимот што влегува во рангот на најсериозни кандидати за шампионскиот пехар. 

Првото место во групата веќе е недостижно. Второто и третото веројатно исто така вечерва избегаа од Вардар. А тоа значи дека во блиска иднина Вардар ќе треба да се сретне со ПСЖ, Пик Сегед, евентуално Барса. 



Веспрем почна одлично, поведе со 6-2, 11-4, а потоа разликата ја чуваше без поголеми тешкотии. Посебно Петар Ненадиќ се истакна во првиот дел од натпреврот.

Вардар се обидуваше на сите начини, имаше голема поддршка од трибините, но реално беше далеку од какво било изненадување. 
Напротив, можеше многу полошо да мине, но за среќа Веспрем за тренер го има Дејвис. А овој пак го чуваше на голот Цупара, а тој да се послужиме со ракометен жаргон, не се состави со топка.
Којзнае како ќе изгледаше мечот ако Штербик стоеше меѓу стативите. 

На полувреме беше плус седум за Веспрем, а во вториот дел, гостите стигнаа и до двоцифрена разлика. Вардар денеска го промовираше младиот голман Гогов, а тој беше најдобриот голман на натпреварот. 
Павел Атман играше добра партија, заедно со Ненадиќ од Веспрем беа најдобрите играчи на теренот. 

Конечно, 38-29, резултат што е креиран во релаксирани последни 10 минути, во кои речиси и да немаше одбрани. 

Следниот меч на Вардар во ЛШ е на 5 февруари, против Кил во Германија. 

фото: rkvardar.mk / Денис Дуковски
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk