СП Јапонија: Прво изненадување на СП, го приреди Словенија

Не требаше да се чека многу до првото, а и до второто изненадување на СП Јапонија. Уште во првото коло, по воведните четири натпревари на кои немаше изненадуавање, следеа нови дуели, а меѓу нив беа и дуелите Словенија - Холандија и Јужна Кореја - Франција.

Холанѓанките неколку години по ред играат во самата завршница, додека Словенија се обидува да состави тим што ќе игра побитна улога на шампионатите. Патем тоа беше екипата на која и се „израдувавме“ дека ни е противник во баражот. 

Но, Словенија денеска ја преслуша Холандија и тоа без да и даде многу шанси за радост. Тјаша Станко со 12 гола и Ана Грос со седум погодоци ја водеа Словенија кон оваа безмалку сензационална завршница, од 32-26. 

Рамо до рамо со Словенија, изненадување приреди и Кореја. Тие го совладаа светскиот првак Франција со 29-27.

Романија пред СП имаше големи амбиции, набилдани со враќањето на Кристина Неагу, но тогаш ги стигна аферата Брашов. По оваа допинг афера сменија неколку играчи, доведоа нови репрезентативки, а епилогот е пораз од 15 гола разлика од Шпанија на стартот на СП. 

По ова можеме уште веднаш да напишеме текст дека селекторот Томас Риде добил отказ и да чекаме тоа да се случи до крајот на годинава. 

Унгарија немаше милост за Казахстан (39-15), а Русија немаше милост кон Кина (26-11). 


 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk