Работник прокоцка пет гола предност и загуби

САВЕХОФ - Е. РАБОТНИК  25-24 (10-15)

Битолски Работник е поразен и во второто коло на Лигата на шампионите. Вечерва во Гетеборг, Работник беше поразен од домашнио Савехоф, најмладиот тим во Лигата на шампионите и покрај тоа што на полувреме водеше со дури пет гола разлика. 

Во првиот дел видовме одлична претстава на македонскиот претставник. Јовро Јотиќ диригираше со нападот, Никола Митревски со одбраната и резултатот полека се качуваше во полза на битолчани. Имаа и неколку утнати зицери поради кои беа опоменати од тренерот Алушовски, но генерално се одеше во нивна полза. Водеа со 12-9, во кои Јотиќ со шест гола во овој дел го водеше тимот, а потоа Работник стигна и до водство од 15-10 и напад за плус шест што не беше реализиран пред крајот на полувремето. 

Во вториот дел видовме сосема поинаков тим на Савехоф. И на Работник кога веќе споредуваме. Швеѓаните почнаа добро да се движат во одбраната, на Јотиќ веќе не му одеше шутот, а за волја на вистината не им одеше ниту на другите. 

Агуст Елф Бјоргвинсон почна да брани одлично, а нападите на Работник беа бавни, со лоши шутеви и одеа од лошо во полошо. Единствено Митревски одржуваше каков таков баланс, но примаше лесни голови од транзиција што битолчаните не можеа да ја стигнат и запрат. 
На Алушовски брзо му стана јасно дека оди во погрешен правец натпреварот, веднаш го имаше тајм аут картончето во раце, но не помогна минутата одмор. 

Савехоф израмни по 15 минути игра (18-18), а набргу потоа поведе и со два гола разлика (21-19). 

Потоа Швеѓаните ги одржуваа овие два гола, па дури зголемија и на плус три во финишот во кој неочекувано имаше драма. 
Савехоф имаше плус два и напад, но Ѓукиќ пресече и од контра намали на 24-25. Потоа во последните 20-тина секунди Богојевиќ направи пробивање и Работник тргна во напад за реми, но Вегар направи чекори. Снимката покажа дека судиската одлука е исправна.
Но, потоа Савехоф тргна во напад и ја задржа топката до крај, со тоа што нивниот ракометар ја фрли во воздух, односно кон аут каде што немаше нивни играч и времето истече, а Савехоф почна да ја слави втората победа. 

Ваков случај веќе имаше во ЛШ и мислењата беа поделени. Дали фрлената топка во аут каде што нема играч е неспортски потег или намерно задржување на време, а тоа во последните 30 секунди се казнува со пенал за противникот и црвен картон?

Во случајов, би рекле дека немаше простор за седмерец, но ако дословно се следат правилата тогаш зошто да не...Во секој случај, не можеме вината за поразот на Работник да ја бараме никаде на друго место освен во сино-бело-(зелениот) тим. 
Убави 30 и катастрофални 30 минути за битолчани и пораз што е сосема заслужен. 
 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk