Moнпеље со сите сили против Вардар

Лигата на шампионите за Вардар почнува по четири дена со гостување кај бившиот европски шампион Монпеље. Оваа екипа исто како и Вардар е во рангот на потценети тимови, а следејќи ја атмосферата и кај македонската спортска јавност, добиваме впечаток дека одново ќе биде отворена со победа и „лесни два“ на премиерниот натпревар од ЛШ. 

Јавноста можеби е во право, можеби не е. Не е лесно да се промени мислењето и да се сфати сериозно противник што лани со речиси истиов состав не успеа да ја мине ниту групната фаза. 

Но, да не се заборави. Монпеље е ракометниот центар број 1 во Франција. Има најдобар центар за формација и ракометна филозофија што го одржува во европскиот врв дваесетина години. 
Минатата сезона беше фијаско за нив, но тоа не значи дека и годинава ќе биде така. Пред две сезони тие станаа европски шампиони, патем елиминирајќи го Вардар на Ф4. 
Минатата сезона беа покосени од повреди и ретко кога имаа комплетен ростер на располагање. Годинава, ЛШ ја стартуваат комплетни. 

Тоа значи дека на 14 септември во игра ќе ги видиме и Диего Симоне и Јонас Тручановичиус и Матју Гребил. Трио што минатата година ретко кога беше заедно на терен. 

Седум играчи заминаа од нивниот тим летово, меѓу нив и клупската легенда Мишел Гигу и репрезентативниот голман Винсен Жерар. Другите пет се Вид Кавтичник, Мохмаед Мамду, Баптист Бонефон, Жан Луп Фостен и Теофил Сисе. 

Дојдоа Марин Шего и Кевин Бонфоа место Жерар, Жилберто Дуарте место Бонефон, Јанис Лене место Вид Кавтичник и Хуго Дескат место Мишел Гигу. 
Нивниот тим сега изгледа вака:

Голмани: Марин Шего, Никола Портнер, Кевин Бофоа
Леви крила: Хуго Дескат, Матју Гребил (по потреба)
Леви бекови: Матју Гребил, Жилберто Дуарте, Јонас Тручановичиус, Мохамед Суси, Симоне Мењон
Централни бекови: Диего Симоне, Килијан Вилмино, Марко Мењон
Десни бекови: Мелвин Ричардсон, Валентин Порт, Ѓорѓи Чковербадѕе
Десно крило: Јанис Лене, Валентин Порт (по потреба)
Пикер: Фредерик Петерсон, Бенжамин Афгур, Пол Луи Жиру

Ова е состав што залужува поголем респект отколку што реално добива и може да биде многу опасен доколку е потценет. 
Нив заштитен знак останува фантастичната транзиција во играта, а со Дескат и Лене добија и брзина плус во играта. Знаат да играат и 5-1, знаат и да напаѓаат 5-1 зона. 
Позицијата пивот, по заминувањето на Лудовик Фабрегас и натаму останува најпроблематичниот дел.  Но, не би препорачале играње на подлабока зона против нив и покрај лимитот на пивотите, затоа што имаат екстра снаодливи индивидуалци како Симоне и Ричардсон. Португалецот Дуарте би требало да биде џокер од левата страна, исто така проблематична поради порвредите и неконстантноста на Тручановичиус и Гребил. 

Сумирано, Вардар го чека тежок и опасен противник. Многу потежок и поопасен отколку што се очекува. Но, од друга страна, ова ќе биде шансата да видиме колку е навистина добар овој нов  Вардар. Монпеље е сепак, подобар противник за старт на сезона отколку Веспрем, Кил или Келце, три екипи што исто така се во оваа група. 




 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk